Инцидент во Серес: За 30 сребреници ја продадовте Македонија (ВИДЕО)

Министерот за поморство во грчката влада вчера имал сериозен инцидент со граѓани во Серес каде што учествувал во церемонија во чест на ослободување на градот.

Стотици граѓани на Серез вербално го нападнале министерот Панајотис Куроплис обвинувајќи го за предавство во врска со договорот во Преспа.

„Предавници, предавници, за 30 сребреници ја продадовте Македонија“, извикувале бесните присутни граѓани но министерот не реагирал и се упатил кон платформата каде што држел говор.

Во инцидентот морала да интервенира полицијата која што насила приморала дел од присутните да се тргнат од местото на инцидентот за да продолжи церемонијата.

„Сите сме патриоти. Никој не е повеќе или помалку патриот од другите. Сите ја сакаме својата татковина и верувам дека овој патриотизам во себе има елемент на мирна коегзистенција со сите луѓе. Сакам да кажам дека ваков напор бара мудрост и мир. Што се однесува до Македонија, договорот дава премногу докази кои што ние ги баравме со години. Тој ги одделува сите тие луѓе кои што мислеа дека се наследници на Александар Велики, од античката цивилизација од грчкиот антички јазик. Тој ги отсекува од иредентизмот. Договорот го интернационализира и претставува грчкиот став за прашањето “, изјавил министерот Куроплис откако полицијата ги смирила нередите во Серес.

На церемонијата не учествувала пратеничката од Независни Грци на Каменос, Марија Колија Заруча која што според грчките извори знаела дека ќе дојде до инцидент и за тоа ја предупредила својата партија.

Заруча освен тоа што е пратеник е и заменик министер за внатрешни работи на регионот Македонија и Тракија.