Инфлацијата во Македонија повисока за 1,7 отсто од ланскиот јули

Цените на производите за широка потрошувачка во Македонија се повисоки за 1,7 проценти во јули на годишно ниво, откако во јуни забележаа зголемување од 1,4 отсто во однос на истиот месец лани, соопшти Државен завод за статистика (ДЗС).

Цените на храната и на безалкохолните пијалоци, кои учествуваат со 30 проценти во потрошувачката кошница, пораснале за 0,2 отсто годишно во јули, откако претходниот месец бележеа зголемување од 0,4 отсто.

Цените за домување, вода, струја, гас и други горива, кои имаат втор најголем удел од 13,6 проценти во кошницата, се зголемиле за 0,1 отсто во јули, откако во јуни паднале за толкав процент.

Цените во транспортниот сегмент, кој во потрошувачката кошница учествува со 8 проценти, скокнале за 11,9 отсто во јули годинава споредено со јули минатата, откако нивниот раст во јуни беше 9,1 отсто.

На месечна споредбена основа, пак, цените на потрошувачките добра во Македонија во јули се намалени за 0,3 проценти во однос на јуни.