Интервју со Аница Добра, лауреат на фестивалот Киненова 2018

„Покондирана тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“…и уште многу други филмови имаат една заедничка нишка – актерката Аница Добра.

Последниве години оваа српска филмска и театарска актерка, која често се појавува во германски филмови не е многу присутна во јавноста, но овојпат таа доаѓа во Македонија, како гостинка на фестивалот „Киненова“, каде е ѕвезда на фестивалот кој и доделува специјална награда.

Добра дебитираше во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска способност и како пејачката во филмот, а во меѓувреме настапуваше во Атеље 212 и во театарот „Звездара“.

Доаѓате за прв пат официјално во Македонија и тоа со посебен повод. Какво е чувството? Како ја доживувате Македонија?

-Најпрво, сакам да кажам дека ми е драго што имам привилегија да бидам гостин на филмскиот фестивал „Киненова“ во Македонија, кој спојува луѓе и идеи, гради мостови, отвора дијалози и креативно инспирира. Привилегијата е особена затоа што сум повикана од прекрасни луѓе, ентузијасти и вљубеници во филмот. Така што моето доаѓање во Македонија не го сметам за официјална посета, туку го доживувам како да е одење на гости кај мои пријатели. И се радувам што можам да бидам дел од фестивал кој веќе нашол добро место и се позиционирал како неопходен во претставување на дебитантските филмови и нивните автори.

Добивате специјално признание за особен придонес во светската филмска уметност на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје. Македонската публика добро ве знае, барем онаа која некогаш живеела и растела во во нашата поранешна заедничка земја Југославија, но ова е добра можност и помладите да ве запознаат. Колку ви значи ова признание?

– Имам веќе доволно искуство за да можам од се срце да се радувам на оваа голема и значајна награда, а сепак мислам дека имам премалку од истото за да би поверувала дека сосема и навистина ми припаѓа. Имам уште толку многу работи кои треба да ги видам, научам, разбудам во себе, да ги разработам, да ги впијам, снимам или раскажам.

Глумењето ( актерството ) како работа постанува најубавата професија на светот тогаш кога глумецот се развива континуирано, кога повеќе генерации ќе ве дочекаат и ќе ве испратат, а вие во секое животно доба имате што да им пружите на тие генерации и да оставите некој траг, да бидете некој иден инспиратор, некоја радост, или намерна или случајна скриена порака во секој филм. Ова признание ми значи се, таа е светот за мене.

Многу снимате. Последните години повеќе во Германија, но и во Србија. Дали има голема разлика кога работите на филм со Ваши колеги од Србија во однос на работата во Германија?

-Разлики постојат, на голема среќа. Но, не поради географската поделеност, различните јазици или висината на буџетот, туку заради различностите на идеите или сензибилитетот, што многу попрефинето и посензибилно ги одредува како филмските проекти, така и луѓето кои тие филмови ги работат. А постои и една заедничка црта – потребата креативно да се укаже на темите кои ни се важни и не засегаат.

Во секој случај и покрај сите сомнежи и превирања кои човек може да ги има со секој нов филм, голема среќа е, а уште поголема инспирација, да се работи со луѓе од различните меридијани, да се движите низ светот и да го сметате за свој.

Според Вас како изгледаше работата на филм во деведесеттите, а како изгледа денеска?

-Не беа само деведесеттите години различни во однос на денешните прилики, туку и јас сум била различна во однос на она што сум денес. Тие години се веќе далечна историја. Крајот на осумдесеттите години беше период кога филмот во Југославија цветаше, беше во полна снага.

Публиката ги полнеше кино салите и ја познаваше многу добро филмографијата на режисерите и глумците. За млад актер секако тоа беше многу подобра ситуација од оваа денес, која е доста неизвесна. Актерот можеше тие далечни години макар да добие шанса и да биде одговорен за својот пат, поточно кариера. Денес младите создавачи се многу посупериорни, пожилави, подобри од нас, но имам впечаток, поточно знам, дека многу, многу потешко доаѓаат до можност тоа и да го искажат.

Која Ви е најдрага улога на филм?

-Најдрага улога е секогаш онаа која се работи во моментот. А секоја сум ја работела како да ми е прва и последна во животот. Така треба да биде. За рекапитулација секогаш има време ))

Играте во многу култни филмови со кои растеше и се развиваше публиката од овие простори. Како го доживувате тоа што една цела една генерација млади се идентификуваше со „Црни бомбардер“? Дали тоа ви значи?

-Една од моите најважни работи при создавањето на филмот „Црниот бомбардер“ е таа што нас глумците ( Драган Бјелогрлиќ и мене ), режисерот Дарко Бајиќ не поттикна да учествуваме во разработка на сценариото, не натера да мечтаеме и смислуваме нови сцени, а потоа ни поверува целосно дека такви изменети може да ги снимаме. Можеби тој дух, зачинет со добриот рокенрол на „Електричен оргазам“ и „Влада Дивљан“, некако генерациски беше препознаен и направи тој филм да биде гледан и слушан долги години.

“Црни бомбардер“ е веројатно една реална слика на Белград и на целата земја во тоа мрачно и исклучително нестабилно време во Србија, но и во регионот. Пишуван е и сниман за време на распадот на нашата поранешна заедничка земја и ужасната граѓанска војна.Колку лично ја доживеавте вашата улога во филмот?

-Значи, филмот не е сниман за време на распадот на Југославија, туку тоа сценарио го предвиде распадот две години порано, кога сценариото е пишувано. Многу е веројатно дека нашите души почувствувале нешто што умовите во тоа време не можеле, или едноставно не знаеле да го видат или препознаат.

Какво место зазема театарот во вашиот живот? Активни сте и во оваа уметност. Имате ли некоја улога која би ја издвоиле и која силно посакувате да ја играте на театарската сцена?

-Театарот за мене е неодвоив од филмот. Сметам дека тоа е почеток на се, привилегија, некаков добар тренинг и вовед во магијата која може да ја има филмот. Тоа е наше место на кое ние, глумците, може да му се навратиме кога нема филмови, нема филмски улоги или нема финансии истите да се реализираат. Улогите секогаш некако самите го наоѓаат глумецот, не обратно. Така што никогаш се немам оптеретувано со потенцијалните улоги, туку се радував на оние кои ми беа на мене наменети. Моментално повеќе сум посветена на театарот и во паузите некако успевам да вклопам и по некој снимачки ден.

Каква е филмската публика во Германија? Претпоставувам дека ти сакаат да гледаат филмови од сопствена продукција?

-Дајте и на публиката филм во кој ќе се препознаат – и филмот ќе биде гледан!
Публиката во секоја засебна земја, нема да ги гледа своите домашни филмови од патриотски причини, туку затоа што ќе сака да доживее одредена сензација. Понатаму, таа иста публика, поради која и ги правиме филмовите и претставите, нам ни е потребна. А не сум баш сигурна дека ние сме им секогаш потребни на нив. На публиката. Таа треба да се негува. Му благодарам на фестивалот „Киненова“ што ни помага во тоа.

Кога би добиле улога во македонски филм дали би ја прифатиле? Има ли македонски режисери или актери со кои би сакале да соработувате?

-Како што реков на почетокот, филмот е привилегија и скапа играчка. Дури и кога е нискобуџетен, филмот е скап. Тоа треба да се знае и да се цени. Но, повеќе од тоа ја ценам добрата идеја, која денес е најбарана и најплатена затоа што е ретка. А исто така најмногу верувам дека таа добра идеја е возможно да се роди во средина која е полна со живот, превирања, спротивности, проблеми, убавина и големи емоции – во Македонија. Сум имала прилики да работам и соработувам со македонски уметници и благодарна сум им на секоја животна лекција. Им благодарам на тоа.

Р.Е.

SHARE