Интервју со Драги Стојковски: Ако ја загубиме Република Македонија нема да сме Македонци

Драги Стојковски е роден 1955 година во Скопје. На 15 годишна возраст во 1970 година заминува за Торонто, Канада, со родителите и братот. Во Торонто завршува колеџ за тренер по гимнастика и факултет по социологија.

Од млади години е активен во македонските организации, посебно во Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и Организацијата Обединети Македонци во Канада (ООМК). Стојковски бил и претседател на истите;


Каква улога има и треба да има македонското иселеништво во секојдневниот живот во Република Македонија?

– Ние иселениците сме бесплатни амбасадори на македонската вистина низ светот. При секоја средба со локалните пријатели и соработници, ние секогаш се претставуваме како Македонци и секогаш со најпофални зборови ја претставуваме татковината. Ние активистите се среќаваме со локалните политичари од најниско до највисоко ниво, како на пример средбата со канадскиот премиер Харпер на Гоцевата вечер во 2009 година, и се‘ со цел да влијаеме и лобираме за проширување на соработката со нашата татковина и подршка на Република Македонија за меѓународно признавање под уставното име. Потоа тука е економската добивка од иселениците, почнувајќи од достави до најблиските па се‘ до редовните посети на стариот крај. Иако сме иселеници, ние сепак сме составен дел од македонскиот народ и нација, и секогаш делуваме според македонските национални интереси.


Кои ваши дејности придонесуваат за претставување на македонскиот дел од вистината?

– Многумина иселеници се бавиме со истражување со цел докажување на македонската посебност, којашто, како што знаете, постојано се порекнува од страна на нашите соседи. Јас го имам целосно истражено канадскиот попис од 1911 година и таму има непобитни докази дека Македонците се определувале како Македонци, дека нивната националност била македонска и дека дома го говореле македонскиот јазик. Потоа, случајот со Македонците кои биле војници во канадската и американската војска во Првата светска војна. Па надгробните плочи во Торонто и Чикаго каде местото на раѓање е Македонија. Слично и со Годишникот на весникот Народен Глас во САД од 1933 година, каде во рекламите Македонците за своето родно место покрај селото или градот, додаваат дека се родени во Македонија. Тука се изјавите во Австралија за намерата да се поднесе барање за австралиско државјанство каде прво во весник намерата мора прво да се навести. Таму точно се наведува дека барателот е од македонска етничка припадност. Има еден интересен случај на сопружници во САД каде сопругот е Македонец со мајчин македонски јазик, додека сопругата е Бугарка со мајчин бугарски јазик. Само да се прочешлаат старите весници низ светот може да се дознае вистината за Македонија и Македонците. За жал, нашите политичари не ги користат овие откритија во борбата за вистината, претпочитајќи да ја остават историјата на нашите порекнувачи за ние да сме се свртеле кон иднината. Благодарејќи на тој менталитет добиваме погубни договори со Бугарија и сега со Грција.


Кога ги спомнавте договорите со соседите, како гледа иселеништвото на овие договори?

– Можам да го кажам мојот личен став, но убеден сум дека мнозинството иселеници ќе се согласат со мене, како и мнозинството Македонци во Македонија. Договорот со Бугарија е насилно прикривање на бугарските злодела за време Втората светска војна низ цела етничка Македонија. Бугарските фашизоидни порекнувачи на македонската посебност се радуваат на попустливоста на нашата Влада. Меѓувремено, меѓународната заедница игра дволична улога нарекувајќи ги националисти и тврдокорни сите Македонци кои си ја бранат својата посебност. Истовремено, ги превидуваат фашистичките споменици во Република Македонија кои се градени под покровителство на поранешните УЧКи а сегашни министри (на пример споменикот на Хаса Џемо во Сливница), па барањата на Бугарија да ги чествуваме нивните фашистички офицери погинати на тлото на Република Македонија, а истовремено со договорот со Бугарија ние треба да ги отстрануваме написите дека од бугарски фашистички куршум гинеле нашите борци. Либералната ЕУ молчи иако самата е изградена врз анти-фашистичка основа. Потоа, никој од ЕУ и НАТО не сака отворено да зборува за албанското учество во Холокаустот кога балистите биле соучесници во депортирањето на Евреите од Балканот.


Како гледате на Преспанскиот договор со Грција?

– Договорот за името е чиста катастрофа. Самото прифаќање за преговори или разговори околу името во ООН беше национално понижување и омалуважување, а прифаќањето на промена на името е крајно понижување. Историјата има посебно место за такви велепредавства. Спорот многу едноставно може да се реши во наша полза преку гласање во Генералното Собрание на ОН. Проф. др. Игор Јанев го има сето тоа многу добро проучено и објаснето. Не знам зошто досегашните претседатели на Влада и држава не го задолжиле да го реши спорот. Ако не биле поткупени, досега сто пати можеле да го решат спорот во рамките на ООН. Инаку, ние немаме спор со Грција, а во никаков случај немаме проблем со нашето име. Ако Грција има проблем со нашето име, ние не можеме да им помогнеме и тие самите ќе мора да си го решаваат проблемот.


Има една група луѓе кои велат дека промената на државното име нема да смени ништо кај нас Македонците, дека покрај се‘ ние пак ќе си останеме Македонци.

– Тие поединци, посебно тие кои заговараат промена на името, велат дека кое име и да го има државата, тие како поединци и понатаму ќе си биле Македонци, и тоа го поткрепуваат со фактот дека Македонците си се нарекувале Македонци и во времето кога сме немале држава. Тука има неколку работи за кои треба отворено да се проговори. Како прво, во современи услови, националниот идентитет не е само лично чувство, туку тој е првенствено правна категорија.


Но Македонците постоеле и пред да има држава Македонија

– Точно е дека и кога не сме имале држава, Македонците етнички и национално се определувале како Македонци, како што се гледа од пописите во Канада и САД на пример. Меѓутоа, затоа што тоа било само лично чувство и определување, имаме случаи каде определбата Македонец потоа попишувачот самоволно го променил во друга опоределба, т.е. турска, според името на државата од која потекнувале. Според тоа, со промена на името во Република Северна Македонија, сите ние, сакале или не, постануваме северномакедонци во најдобрата варијанта, а знаејќи ја итрината на Грците, тие ќе бараат од светот да не именува едноставно како северњаци. Потоа, тие кои заговараат така лесно да си го сменат државното име, не се од калибарот на Македонци кои ќе се спротивставуваат на понатамошни притисоци од страна на Грција за попуштање и за северњаци или старото Скопјани со кое ни се обраќаа досега. И за на крај, мора да се каже дека е навистина глупаво, сега кога имаме држава со името Македонија со уставната категорија Република, да се откажеме од државотворноста за некои идни македонски генерации повторно да се борат за нешто за кое нашите родители веќе се избориле со пролеана крв. И, туркајќи не‘ во неизвесната иднина наречена НАТО и ЕУ, во стварност не‘ враќаат назад во крвавото минато за повторно да се бориме за своја државност.


Но, истите тие велат дека ако не го смениме името нема никогаш да влеземе во НАТО и ЕУ.

– Не гледам никаква потреба Република Македонија да влезе во НАТО. Па ние сме заобиколени од НАТО држави и се наоѓаме во најбезбедното соседство. Се поставува прашањето – кој би не нападнал? Дали насилникот не‘ присилува да платиме заштита за да не не‘ нападне? ЕУ е друга работа, но ни ЕУ не е достојна за ние да си го смениме името и идентитетот. Ние треба да ги спроведеме сите реформи за самите нас а не за влез во ЕУ. Бугарија и Романија беа насилно влучени во НАТО и ЕУ па корупцијата и сиромаштијата и понатаму царува. Наша заложба треба да биде добрососедство и соработка со сите.


Како ќе се постави иселеништвото во однос на референдумот?

– Пак ќе го кажам моето мислење со убедување дека мнозинството македонски иселеници го делат истото. Како прво, референдум едноставно не смее да има. Самата помисла да се решава како да се викаме, значи политичарчињата на власт не‘ тераат самите да се укинеме. Да ја цитирам изјавата на Шекеринска која рече дека некои прашања не залужуваат одговор – јас тоа сега би го сменил дека некои прашања не заслужуваат да бидат поставени. Дали на овој референдум ќе гласаат сите досегашни, сегашни и идни генерации Македонци? Референдумот е враќање назад во иднината – подржувачите на промената на името иако во добар дел мислат дека сме творба на Тито, сега не’ убедуваат дека и кога не сме имале држава ние и тогаш сме биле Македонци. Со други зборови, ако ја изгубиме државата за која е пролеано крв низ столетијата, да не се грижиме бидејќи ние пак ќе сме биле Македонци. Истите тие заговарачи на апокалипсата не сакаат да ги потсетиме на сите злодела од соседните поробувачи врз поробените Македонци само затоа што се нарекувале Македонци. А покраj тоа, ние немаме сигурност дека после успешниот Референдум за нив, ќе останат во државава, или веќе со една нога и целосно со мислите се некаде во белиот свет. Второ, ако има референдум, јас сум за целосен бојкот, и мислам дека огромното мнозинство македонски иселеници така ќе постапат.

Драги Стојковски бил организатор на три светски средби за македонски човекови права (првата средба во Скопје, 25-26 август, 2001 година; втората средба во с. Коларово, пирински дел од Македонија, 31 август, 2002 година; третата средба во х. Сонце во Прилеп, 20 септември, 2003 година; и четврта средба како состанок на Македонскиот национален совет исто така во Прилеп, 14 август, 2004 година); учествува на меѓународни конференции за човекови права (ОБСЕ во Варшава, септември 1997 година; ООН-Женева – на 60. Седница на комисијата за човекови права – 23 април 2004; и ООН-Виена за верски права) и има средби со многубројни странските мисии; средби со странски конзули во Торонто во 1993 со цел лобирање за меѓународно признавање на Република Македонија; домаќин е на канадскиот премиер Харпер на Гоцевата комитска вечер, февруари 2009;

Редакција expres.mk

SHARE

Comments are closed.