ИРИ: За решавање на спорот со името – 49 отсто граѓани

Анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува дека 37 проценти „целосно го поддржуваат“ и дека 20 проценти „донекаде го поддржуваат“ предлогот (вкупно 57 проценти) Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“.

Истиот број од 57 проценти веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име, пренесува Нова Тв.

Речиси половина од анкетираните, 49 проценти, имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.

„Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за компромисно решение на спорот за името кое би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции“, вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.

Податоците се собрани преку интервјуа лице в лице од 28 јуни до 15 јули 2018 година од страна на обучени професионалци. Примерокот се состои од 1.100 анкетирани, на возраст над 18 години, а стапката на одговор беше 69 проценти.