Италија ги блокираше заклучоците на Самитот на ЕУ

Loading...

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го блокираше усвојувањето на заедничката изјава на ЕУ за трговија и одбрана на самитот во Брисел, за да изврши притисок врз неговите колеги да се согласат со италијанскиот став за миграцијата, изјавија европски дипломати за Ројтерс.

Рим ги блокираше одлуките за економијата, за безбедноста и за дигиталните прашања на првата седница на состанокот во Брисел вечерва, и бара ‘конкретна’ помош за справување со сопствениот прилив на азиланти“, јави „Фајненшнел тајмс“.

Весникот оценува дека „драматична ескалација на тензиите на собирот може да ја одлучи судбината на германската канцеларка Ангела Меркел“.

Според изјавата на Европскиот совет, „земја-членка изрази резерва во врска со сите заклучоци и засега нема заклучоци“, пренесе грчки „Катимерини“.

Од тие причини планираната прес-конференција нема да се одржи денес, туку утре на последниот  ден од самитот.

Италија претходно се закани со вето ако нејзините барања за мигрантот не бидат исполнети.

Италијанската влада претходно побара да биде прифатено дека „кога брод со имигранти пристига во Италија, тој исто така пристига и до Европа“.

Оттаму, во прифаќањето на мигрантите кои пристигнуваат на пристаништата во Италија да учествуваат сите земји на ЕУ и околните медитерански земји на ЕУ, што во суштина значи укинување на Даблинската регулатива.