Италија изнуди унифицирана политика за мигрантите

По речиси 12 часа дебата која продолжи во текот на ноќта, лидерите на ЕУ се согласија за унифицирана политика за бегалци, соопшти утрово претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск,

Според информации на агенција ДПА, која се повикува на дипломатски извор кампови за прием бегалци, спасени по премин на Средоземното Море, ќе се отвораат во земјите од ЕУ кои ќе изразат согласност за тоа.

Мигрантите исто така ќе бидат распределени во земји кои ќе сакаат да ги прифатат.Сé уште не е јасно кои земји сакаат да градат кампови на нивната територија.

Во исто време, ЕУ планира да изгради такви кампови во една од земјите на Африка со цел да го намали протокот низ Медитеранот.

Лидерите на ЕУ, исто така, се согласија да го ограничат движењето на мигрантите во рамките на Унијата.

Шпанскиот премиер Педро Санчез објави дека ќе бидат доделени повеќе пари за справување со миграцијата.

Од своја страна, премиерот на Италија Џузепе Конте истакна дека по средбата на врвот на ЕУ за мигрантите Италија веќе не е сама.

Тој додаде дека Италија подоцна ќе одлучи дали да формира центри за прифаќање мигранти на нејзина територија.

Конте, исто така, рече дека водачите на ЕУ се согласија да го реформираат Даблинскиот договор за мигрантите.

„Се воспоставува нов сеопфатен принцип за прием и спасување на мигрантите. И се признава главниот принцип – секој пристигнат во Италија пристигнува во Европа“, прецизираше Конте.

Синоќа Италија го блокираше усвојувањето на заедничката декларација на состанокот сé додека не се постигне договор за заедничка миграциска политика.