Ивана Симјановска, првата Македонка вински судија

Со желба и намера да ви понудиме и да поттикнеме размислување околу различните професии и можности за развој и професионален раст, со посебен акцент кон промовирање на женското претприемништво, ексклузивно за Expres.mk разговараме со Ивана Симјановска, самоиницијативен промотор на македонскитe вина во светот и вински писател, која својата огромна љубов кон виното и винарството ја издигна на ново ниво, станувајќи првата жена вински судија од Македонија.

Expres.mk: Може ли да ни кажете што значи да се биде професионален вински судија?

Одговор:Да се биде вински судија е составен дел од она што го работите и вашето присуство во винската индустрија, да бидете начитани и теоретски поткрепени со информации за виното, бербите, винските региони и едноставно цело време да бидете присутни во винскиот свет и да ги следите тековите и промените.

Јас веќе неколку години организирам дегустации на македонски вина на многу вински салони во Европа и самоиницијативно работам на промоција на македонските вина во светски рамки, водам вински тури за агенцијата Македонија експириенс, уредник сум на vino.mk, ко-автор сум и издавач на два македонски вински водичи, а од оваа година и единствениот соработник од Македонија за Џенсис Робинсон, најпознатата личност во светот на виното, на нејзиниот Светски атлас за вина (World Atlas of Wines) кој ќе излезе следната година.


Expres.mk:На кои вински натпревари имате судено досега и која е вашата задача како судија, што е тоа што го оценувате?

Одговор:Веќе седум години судам на вински натпревари низ целиот свет како Mundus Vini, Concours Mondial de Bruxelles, BIWC, Terravinoи други, а можноста да дегустирам бројни примероци на овие натпревари ми помага да ги следам тековите и трендовите во винската индустрија. Во оценувањето на едно вино постојат повеќе аспекти на кои треба да обрнете внимание за да дадете реална оценка. Прво се оценува изгледот, потоа аромите, вкусот, и на самиот крај доаѓа поствкусот, и сите овие посебни оценки за секоја од овие категории ја даваат целокупната оценка за виното. Колку покомплексно е виното од повеќето од овие аспекти, толку неговата оценка ќе биде повисока.


Expres.mk: Долги години сте во винарството и ја следите винската индустрија во Македонија, може ли да ни ги раскажете вашите почетоци?

Одговор: Се започна пред речиси една деценија кога со мои колеги го оформивме првиот македонски вински клуб и почнавме да организираме дегустации на вина од винарии кои веќе беа етаблирани на пазарот и оние помалите за кој никој не ни беше чул. Потоа беше логично да напишам вински водич за македонските вина, чиј коавтор и издавач сум, по што следуваа покани да судам на вински натпревари. Вториот вински водич за македонски вина, каде сум повторно ко-автор и издавач, го издадов како E-book. Некаде попатно почнав самоиницијативно да ги промовирам македонски вина на вински салони и фестивали по покана на мои колеги од светот на виното. Многу е интересно да се биде дел од винската индустрија затоа што е многу динамична и никогаш не е досадно да се биде дел од неа.

Expres.mk: Ќе ни откриете ли ексклузивно за нашите читатели на што актуелно работите сега?

Одговор: Моментално работам на подготовката на третиот Скопски вински салон 2018 кој оваа година ќе биде организиран од Здружението на вински консултанти и едукатори “КАЛЕМ-ЕЊЕ” и кој ќе се одржи на 30 ноември и 01 декември во хотелот Мериот во Скопје каде ќе има над 30 винарии од земјава и странство. Винскиот салон ќе изобилува со дегустации, мастер часови и предавања. Од големите имиња оваа година преку својот увозник HM Spirits, Тед Лелекас, бренд амбасадорот за Moët&Hennessy за јужна и централна Европа ќе одржи ексклузивна дегустација на шампањите Dom Pérignon, Moët&Chandon и Veuve Clicquot, потоа ќе има интересна дегустација за кратошијата и нејзина споредба со примитивото, зинфанделот, црљенак каштелански и трибидрагот со проф. Д-р Климе Белески, Галина Тодорова-Нифору, директор на BIWC ќе одржи дегустација на вината кои имаат освоено двојни злата и трофеи на овој најбитен вински натпревар на Балканот кој се одржува секоја година во Софија. Игор Луковиќ, уредникот на Vino& Fino и потпретседател на Здружението на сомелиери на Србија, ќе одржи работилница проследена со дегустација на српски вина насловена “Автентична Србија”. Од Хрватска ни доаѓа Жељко Гармаз, авторот на книгата Вински приказни, која моментално е бестселер, и ќе одржи дегустација на ретки вина од целиот Балкан кои сеуште не се излезени на продажба, јас по втор пат ќе одржам дегустација на темјаники од наши винарии, а некои од винариите учесници ќе одржат презентации проследени со дегустација на своите вина.

Интервјуто за Expres.mk го реализираше Катерина Златановска Попова – сертифициран кариерен советник

Фото: Тони Димитров

SHARE