Објаснувајќи ги сопствените мотиви за бојкот на референдумот пред македонската дијаспора во САД, претседателот Ѓорге Иванов им испрати порака на македонските граѓани, како носители на суверенитетот, да не дозволат некој да ги десуверенизира.

„Со оваа спогодба (од Преспа – н.з.) не само што се менува името на постојната држава, туку и се создава нова полусуверена држава со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе. Немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Немојте да дозволите некој друг да ја контролира вашата свест и вашата национална гордост. Република Македонија му припаѓа на народот што ја создал, а тој народ, освен што полага историско право на својата република, истовремено има и историска одговорност кон таа своја република. Бидејќи, ниту една генерација, вклучително и нашата генерација, не може да тврди дека со неа започнува сè. Ние сме дел од континуитетот. Наша обврска е да го сочуваме и да им го предадеме на потомците она што сме го наследиле од предците. Како што македонскиот народ е создавач на Република Македонија, така и Република Македонија е чуварот на македонскиот идентитет. Прашањето за името и за идентитетот е постаро и поскапо од секој устав, од секоја влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес. Имајќи го сето ова предвид, јас ја донесов мојата одлука“, рече Иванов на гала вечерата организирана од Обединета македонска дијаспора (ОМД) во Детроит.

https://www.facebook.com/macedonianpresident/videos/242476693103743/