„Вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. А има многу нечиста совест во однос на македонскиот случај. Но, вистината ослободува и овозможува да се признае вината, да се поправат грешките, да се исцелат раните од прекршувањето на нашето фундаментално право на самоопределување и правото на човечко достоинство.

А единствена вистина е дека ние сме Македонци и нашата држава е Република Македонија. И почитувајќи ја таа единствена вистина за нашиот идентитет, Вие го почитувате нашето човечко достоинство кое е дел од темелот на слободата, правдата и мирот во светот“, рече, меѓу другото претседателот на Република Македонија Иванов од говорницата на Генералното Собрание на Обединетите нации денеска.

„Можеби додека уште зборувам, веќе се пишуваат изјави во кои ќе се осуди овој мој говор. Најчесто, првата реакција на вистината е омразата“  рече во еден момент шефот на државата, пренесуваат медиуми.

Говорејќи за референдумот во недела Иванов потсети дека тој, како граѓанин, веќе ја донел својата одлука дека нема да гласа.

„Истовремено, ви се обраќам вам, претставниците на државите-членки на Обединетите нации. Овој ирационален спор има штетни последици по Република Македонија и нејзините граѓани.

Поради грчките блокади, нам ни се одзеде правото на просперитет.

Сето тоа, за жал, се одразува на одржливоста на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Општество кое изминативе 27 години активно придонесува за мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и Европа“.

SHARE

Comments are closed.