Иванов греши, Македонија не преговарала за договорот – пишува Горан Момироски

Изјавата на претседателот Иванов дека премиерот, шефот на дипломатијата и другите владини сужбеници преговарале за името без него и барањето сега сами да си го спроведат договорот е погрешна.

Македонија во последниве десетина месеци само глумеше преговори а всушност ја подготуваше јавноста за сегашната ситуација. Поточно, создаваше контекст во кој противниците на договорот за името ќе бидат распнати како противници на влезот во ЕУ и НАТО.

Работниот наслов на овој текст гласеше „Колумната што може да урне влада“. Сакав на циничен, ироничен или ако сакате саркастичен начин да го опишам тоа што се случува во Македонија во поглед на името. Не немам никакви илузии дека еден обичен новинар со 100 реда информации може да предизвика промена во главите на тие што одлучуваат уште помалку да урнат влада колку и да е таа слаба. Тоа не се случило ниту во времето на Киро, Бранко, Љубчо, Хари, Владо, Никола па нема да се случи ниту во времето на Зоран.

Јасно е дека во македонскиот политички контекст влада не може да урне една колумна колку и да е шокантна или точна. Колку и да ги објаснува нелогичните и апсурдни ситуации поврзани со договорот со Грција.

Но во меѓувреме од тие фамозни „дипломатски извори“ зад кои ги криеме сите тие што нешто значат во меѓународната политика а за кои се потврдило дека имаат солидни информации дознав работи кои ако се точни даваат сосема нова, би рекол драматична перспектива на наводните преговори за името. Но полека, ќе дојдеме и до тие информации.

Предходно морам да апелирам до македонската влада која прифати да се нарекува Северно Македонска, да биде искрена со своите граѓани. Не затоа што авторот на овој текст ќе ги објави информациите што ги има туку затоа што Владата има таква обврска и според заклетвата во која се колнат и според Уставот. Друга причина е тоа што можете цел народ да го лажете краток период, можете дел од народот да го лажете цело време но не можете цел народ да го лажете цело време.

Македонската влада мора да биде искрена со своите граѓани и да им ги објасни сите аспекти на договорот. Владата не смее да манипулира сметајќи на незаинтересираноста и неумешноста на граѓаните да ги осознаат работите со помош на медиумите. Граѓаните мораат да знаат што се случува и зошто им се случуваат работите. Колку тоа да боли и колку да е тоа штетно за рејтингот на премиерот и неговите соработници.

Најпрвин македонската влада мора да биде искрена дека референдумот воопшто не е важен за иднината на договорот. Од него јасно се гледа дека референдумот е целосно излишен затоа што во еден од членовите јасно пишува дека за да стапи во сила во Македонија доволно е да се ратификува во Собранитето или преку референдум. Овде клучниот збор е ИЛИ кој ни укажува дека јавноста може да се подготвува да биде дел од решението но никогаш да не ја добие таа шанса затоа што предходно тој веќе ќе стапи во сила.

Второто прашања за кое што владата мора да биде искрена е кој е тој што го напиша Договорот за името.

Премиерот Заев и министерот Димитров не треба да бидат искрени само поради петте експерти на МНР кои како дел од експертската група учествувале во неговото пишување и со тоа влегоа во групата на луѓе – професионалци што можат да настрадаат само затоа што не можеле да кажат не на своите шефови. Тоа што најголем дел од нив ќе добијат амбасадорски места е добро за нив но ако нивните шефови не откријат кој беше тој што навистина го состави договорот, ниту резиденциите ниту службените мерцедеси нема да им помогнат во битката со реакциите на обичните луѓе за кои ќе бидат предавници цел живот.

Премиерот Заев со своите милионски бизниси веројатно се надева дека по заминувањето од политиката ќе може да се изолира од клетвите и омразата која што веќе започна. Истото важи и за министерот Димитров кој иако во моментов најпопуларен министер во владата според медиумите ќе замине во некоја меѓународна организација и најверојатно ќе се обиде да остане таму до пензија.

Единствен начин да се спречи огромната омраза која што постои кај дел од јавноста кон погоре споменатите 7 луѓе кои што земаат плата од нашите пари ( и која само ќе се зголемува) е да се откријат јавно двајцата странски експерти кои што се вистински автори на договорот.

Не само за да се спасат професионалците во МНР туку и за јавноста да разбере дека Македонија воопшто не преговарала туку симулирала преговори затоа што се работи за виша сила, за геостратегиски интереси во кои не се важни ни Заев и Димитров, ни Македонија.

Крајно навредливо е да се презентира националниот пораз како победа кога сите знаеме дека не е така. Пофер е премиерот да каже дека немал избор и морал да прифати тоа што е сервирано од нашите стратешки пријатели. Така може да ја добие поддршката од прозападните сили во земјава кои се свесни дека договорот е катастрофален но дека е направен по налог на стратешки пријател со цел да влеземе во ЕУ и НАТО.

Далеку помалку срамно е да се признае дека без потпишување и обид за спроведување на октроираниот договор Македонија може да се распадне од внатре и од надвор. Срамно е да се прикажувате како државник и визионер затоа што немате храброст да кажете дека не се работи до вас туку до многу поголеми битки на глобален план.

Истото ова се однесува и за Грција. И таму лажат сите почнувајќи од Ципрас. Но таму за разлика од овде владата се обиде да прикаже дека таа е автор на договорот. Министерот Коѕиас пред три недели во Берлин на јавен собир во престижна германска организација се отепал од објаснување дека токму тој како професор по меѓународно право е автор на целиот договор.

Притоа понижувајќи ги македонските партнери и експерти за кои користел потсмешливи зборови во контекст на неспособност да креираат добар документ. Со други зборови лаже и Коѕиас и неговиот шеф Ципрас но барем тие тоа го прават умешно без поголеми последици за својот народ а притоа успеаа да добијат договор кој што не можеше никој ни да го замисли до пред една година. Бонбона договор.

П.С.

Како што не ги објавувам имињата на двајцата странски експерти од еден институт и еден суд така не ги објавувам имињата на петте професионалци од МНР кои што наскоро еден по еден ќе заминат во Лондон, Виена, Букурешт и други амбасади. Ниту првите двајца ниту вторите петмина (чии имиња ги објави еден провладин медиум) не се виновни затоа што морале да бидат дел од големи светски игри.

SHARE

Comments are closed.