Иванов и шаката јад – Пишува Роберт Димитриевски

Бреј, ама чешит да ти бил оној Борјан Јовановски. Ќе требало меѓународен тендер за да се најдат експерти за хемиско чистење на претседателскиот кабинет во мај?! Демек, кога ќе му завршел мандатот на Ѓорге Иванов, да се подзачистело троа, оти многу валканици оставил претседателот, порачува ѓоамити новинарот.

Петре Шилегов и Мухамед Зекири не останаа покуси. „Збогум ‘заобиколен’“, „со таа шака јад околу Вас“, е пораката од Петрета, за кој претседателот и неговите следбеници биле „фашистичка Македонија“, за разлика од „мојата, нашата, ако сакате и илинденската и асномска Македонија“ на градоначалникот на Скопје. Зекири, пак, ќе крикне „никогаш да не ни се повтори!!!“, убеден дека ова е „последен срамен и идиотски говор на ФИКУСОТ“, прашувајќи се потресениот потпретседател на владеачката СДСМ и нејзин пратеник „како се чуствуваат тие што му помогнаа да стане претседател“.

Со вербални напади кон Иванов деновиве се „прославија“ и едно чудо други знајни и незнајни членови и/или симпатизери на власта, но и само овие три изблици на нетрпеливост кон шефот на државата зборуваат доволно за нивното ниво не само на политичка култура, туку и на домашно воспитание. Носител на највисоката функција во државава и порано бил цел на јавни напади и омаловажувања од неистомислениците, како Бранко Црвенковски, на пример, но никогаш на толку приземен начин.

Старо правило на овие простори е недостигот на аргументи во јавната дебата да се пробува да се надомести со повишување на тонот и со навреди. Не можејќи да најдат говор на омраза во обраќањето на Иванов од Мечкин Камен, бидејќи или не го слушале, или погрешно им го пренеле и интерпретирале, вреснаа до небо за некаков срам на претседателот, обвинувајќи го за непријатностите што ги доживеа владината делегација. Иако за одржувањето на редот и на поредокот во државата, како и за безбедноста на нејзините функционери, задолжено е Министерството за внатрешни работи, претседателот да ти бил виновен што полетале пластични шишиња кон нив?!

Токму тука и лежи одговорот за ерупцијата од гнев кај репрезентите и кај поддржувачите на власта и ја објаснува „вината“ на Иванов – дијаметрално спротивниот пречек во Крушево: овации за него, одиум за нив. Ако до вчера можеа за тоа да го обвинат „режимот“, на кого сега да го вперат прстот што се неомилени, и покрај, нели, ослободувањето на „заробената држава“ и доаѓањето на „животот во Македонија“?

Наместо да тргнат од себе во барањето на одговорот на тоа прашање, кое очигледно не им дава спокој, посебно пред референдумот на кој ќе бараат и од инакумислечките да излезат за да не им пропадне, тие удрија по извршителот на функцијата со најголем легитимитет во моментов. Навредувајќи го Иванов, тие ги навредуваат и 534.910 избирачи што го дадоа својот глас за него во вториот круг од претседателските избори во 2014 година и кој знае уште колкумина што во меѓувреме му станаа поддржувачи.

Фемкањето на ВМРО-ДПМНЕ да застане на чело на противниците на начинот на кој власта се однесува кон националните и државни интереси и да ги предводи во битката со неа, на улица или со повик за бојкот на референдумот, ја пренасочи енергијата на подготвените за борба кон претседателот. Неговите јасно искажани и цврсти ставови против Законот за употреба на јазиците и против Преспански договор направија од Иванов еден вид симбол на отпорот, што во владеачкиот кампус автоматски го претвори во трн во окото и во пречка за остварувањето на нивните визии за Македонија. Оттаму и толкавата пизма кон него.

Сепак, недоличниот однос и речник кон Претседателот не само што го подрива авторитетот на највисоката институција во земјата, туку и дополнително го продлабочува јазот меѓу двата спротивставени табора, посебно во македонскиот блок, пред разрешницата или дополнителното заплеткување на јазолот по 30 септември. Наместо долевање масло на огнот, одговорни политичари, медиумски работници и други јавни личности би ја спуштиле топката и би ги смирувале страстите, бидејќи, како што ќе рече еднаш декласираниот од Иванов на изборите во 2009 година, Љубомир Фрчкоски, „ситуацијата е таква што не може да биде – поголема“.