Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, донесе одлука да не го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што Собранието ја изгласа на 20 јуни, откако беше потпишана на 17 јуни во Преспа.

„Не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.

На претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата претседател“, стои во образложението на одлуката на шефот на државата да не го потпише Указот.

Во соопштението на претседателот се вели дека спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, бидејќи во нив се зборува за „разлика околу името на државата“, а не за „разлики“, како што зборува оваа спогодба.

Според Иванов, спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција, а согласно член 308 од Кривичниот законик, „граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело, смета претседателот Ѓорге Иванов.

 

2 Коментари

  1. ЦЕЛИСНА ПОДРШКА ЗА ОДЛУКАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. ПРЕТСЕДАТЕЛЕ ИМАТЕ ПОДРШКА ОД ЦЕЛАТА МАКЕДОНСКА ЈАВНОСТ ДА ИЗДРЖИТЕ ДО КРАЈ ВО ОВОЈ ГЕНОЦИД ШТО И ПРАВАТ НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД!!!

Comments are closed.