Израел го „наместил“ рускиот авион да биде уништен

Русија го обвини Израел за предизвикување на инцидентот во кој сиријската воздушна одбрана сруши руски воен авион „ИЛ-20“, при што загинаа 15 припадници на руската армија.

Русија, исто така, истакна дека го задржува правото да возврати на „неодговорното однесување на Израел што доведе до смрт на руски војници“.

„Израелските воздушни сили извршија ненадеен ноќен напад врз Латакија на начин кој го „намести“ рускиот авион на линијата на огнот на сиријската противвоздушна одбрана. Израелците мора да знаеле дека го „местат“ рускиот авион, тој се спуштал за слетување од висина од 5.000 метри, но сепак ниту го смениле правецот на нападот, ниту му дале на авионот доволно време да се тргне на побезбедна локација“, се вели во соопштението на руската армија.

Тие додаваат дека Израел ги предупредил Русите само една минута пред да го започне нападот, кога било премногу доцна, бидејќи сиријската одбрана веќе реагирала со повеќе проектили „С-200“.

Според соопштението на рускиот генералштаб, израелските сили покренале воздушен напад врз цели на про-иранската милиција Хезболах во близина на поморскиот град Латакија, каде што се наоѓа и најголемата руска воена база во Сирија. Израел одговарал на претходна провокација на Хезболах со упатување на дрон во израелскиот воздушен простор.

SHARE