Јакимовски: Со тенкови да одат на мене, на 30 септември ќе си правиме ајвар

„Не со кривични пријави, со тенкови да одат на мене, на 30 септември не излегуваме на гласање, ќе си правиме ајвар, а нивното отрезнување ќе дојде по 30 септември, кога народот ќе го каже тоа што има да го каже“.

Ова е одговорот на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, на притисокот, како што изјави за телевизија Сител, врз него и неговата партија ГРОМ пред референдумот за договорот Заев-Ципрас.

Финансиска полиција денеска соопшти дека поднела кривична пријава против Јакимовски до Јавно обвинителство, сомничејќи го дека пред шест години без одобрение за градба изградил две бараки во кои сега е сместена општинската администрација, а потоа ги легализирал.

Јакимовски, кој беше министер за економија и за труд и социјална политика во Владата на Владо Бучковски меѓу 2004 и 2006 година, појасни дека бараките се градени „уште додека бевме заедно со СДСМ во 2012 година“.