Јакупи ѝ го донесе првото злато на Македонија на 18. Медитерански игри

Каратистот Берат Јакупи е првиот освојувач на златен медал за Македонија на 18. Медитерански игри, кои од вчера до 1 јули се одржуваат во шпанскиот град Тарагона.

Европскиот вицешампион од Коџаели 2017 до титулата медитерански првак во категоријата до 84 килограми стигна со победите над Мерис Муховиќ од Босна и Херцеговина, Микеле Мартина од Италија, Дејан Цвркота од Србија и во финалето против Жеси да Коста од Франција.

Денеска на подиумот се искачи уште еден македонски каратист, Жарко Арсовски, кој стигна до бронзениот медал во категоријата над 84 кг.

И третиот медал на Македонија досега на Игрите го донесе каратист, Ненад Келебиќ, кој вчера исто така освои бронза во категоријата до 67 кг.

Со трите медала, Македонија е петта меѓу освојувачите на медали на натпреварувањето во карате на Медитеранските игри во Тарагона досега.

 

SHARE