Јани Бојаџи: Јас со „црвена буржоазија“ не се помирувам!

Филмскиот режисер Јани Бојаџи со жесток статус на својот профил на „Фејсбук“ за националното помирување што како тема го наметна премиерот Зоран Заев во екот на собраниската „егзекуција“ на промените на Уставот.

„Ќе се помирувале?! Нека им е со среќа! Јас со ‘црвена буржоазија’ не се помирувам! И ич не ми е гајле со кого тие мислат да се среќаваат по влади и собранија за да си ги пополнуваат споменарите! Ќе се помирувале сега? Оти не се помирувавте 1994-тата, кога ги пљачкосувавте фабриките? Оти не се помирувавте 2004-тата, кога ја поделивте земјата? Оти не се помиривте 2014-тата, кога ја рушевте Владата? Јас не се помирувам со лажлива банда, која на секои десет години создава кризи од кои се хранат и таа и нејзините деца и внуци!

Сега ќе се мирите?! Оти не се помиривте 1949-тата, кога ги грабавте дуќаните и алатите на дедовците ни? Оти не се помиривте 1954-тата, кога ги запустувавте селата? Оти не се помирувавте 1964-тата, кога од неукост, незнаење и неспособност да раководите со државата и со стопанството создадовте сиромаштија која ја бркавте по Австралии и Германии на гурбети? Оти не се помиривте кога ги фамилијаризиравте факултетите, театрите, академиите?

Сега ќе се помирувале? Прво, да ги вратите фабриките и комбинатите! Дваесет и пет години ве гледаме како ги растурате затоа што не ве бидува и не знаете да управувате и со нив! Да ги вратите, па ќе видиме кому и дали ќе ги дадеме?

Ќе се помириме кога ќе платите за солзите, туморите и раковите на 200.000 мажи и жени што ги оставивте на улица! Ќе се помириме кога ќе им ги измиете нозете и ќе ја испиете водата на работниците и на нивните деца што пораснаа со ‘сто марки’ месечно! Ќе се помириме кога на селаните ќе им ја избришете потта од челото! Ќе се помириме кога ќе застанете заедно со нас во редот за леб, ред и работа! Ќе се помириме кога ќе излезете од универзитетите на кои ниту вие се стекнавте, ниту, пак, на друг му предадовте некакво знаење и вештини! Ќе се помириме кога ќе ви се сиктердиса да пишувате, издавате, снимате и прикажувате за онолку време колку што ќе треба да ги вратиме вредностите на слободата, братството и еднаквоста кои ги презирате! Ќе се помириме кога еднаш засекогаш ќе утврдиме што е лево, а што е десно? Каде е горе, а каде е доле? Кај е напред, а кај назад?! Ќе се помириме кога ќе знаете да определите што е возвишено а што ниско? Ќе се помириме кога од фасадите, од улиците и плоштадите ќе ја исчистите сета урина и сиот измет што триесет години го истурате, лажно обвинувајќи ги другите за тоа! Ќе се помириме кога сосема наивно и сосема бескорисно ќе разбирате што е зло, а што добро?! Ете тогаш ќе се помириме. Можеби?“, напиша режисерот на филмот „Ругање со Христос“, награден на фестивалот во Монтреал, а „распнат“ од македонското Министерство за култура и од Агенција за филм.

 

SHARE

2 Коментари

  1. Маестро Бојаџи, наклон до земја! Точно до збор. Премногу злостори доживеа од нив овој напатен народ….И тогаш, па ни тогаш можеби не.

Оставете Коментар