Јанкулоска им пиша на Дескоска и на Царовска, барајќи си ги правата

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска им упати отворено писмо на минисерките за правда Рената Дескоска и за труд и социјална политика Мила Царовска, барајќи заштита на своите права како бремена жена, загрозени со големиот број рочишта во случајот „Тенк“ за кој против неа се води одвоен судски процес.

„Во период од само еден месец закажани се осум термини за рочишта во овој предмет, кој по својата природа по ниту еден законски критериум не би можел да се смета за итен. Термините на закажаните рочишта го опфаќаат периодот помеѓу 38. и 42. недела од бременоста, што е дури две недели по крајниот термин за породување. Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува нивното вистинско лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки“, пишува Јанкулоска во своето писмо.

„Госпоѓо Дескоска, дали ова е начинот на кој Република Македонија се грижи за спроведување на Европската конвенција за човекови права? Дали вака го замислувате реформираното судство и дали ваквиот начин на работа на судиите е утврден во Комитет за реформи на правосудството? Вас, госпоѓо Царовска, би сакала да ве прашам, дали може да објасните какви права опфаќа породилното отсуство, дали некој може овие права да ги забрани“, им се обраќа ексминистерката на актуелните министерки.

Јанкулоска не се појави не рочиштето оваа седмица, по што Судот побара од Клиниката за гинекологија и акушерство да утврди во кој месец од бременоста е таа и дали може да присуствува на рочиштата.

Токму пораи бременоста, за неа се води одвоена постапка во случајот за набавката на блиндираниот „мерцедес“, во кој експремиерот Никола Груевски беше осуден на двегодишна затворска казна, а поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Попоски доби 6,5 години затвор.

 

SHARE