Јанша победи на изборите во Словенија, но ќе има мака да формира влада

Loading...

Словенечка демократска партија (СДС) на некогашниот премиер Јанез Јанша е победник на парламентарните избори во Словенија, но аналитичарите велат дека може да има тешкотии да формира влада.

СДС освои 25 проценти од гласовите, а втора е централно-левичарската ЛМШ (Листа на Марјан Шарец).

Изборите беа свикани во март откако централно-левичарскиот премиер Миро Церар даде оставка поради штрајковите, проблемите во коалицијата и неповолната одлука на Врховен суд за инвестицискиот железнички проект.

Кога резултатите станаа јасни, Јанша изјави дека „вратата на неговата партија е отворена за коалицирање“ со другите партии.

„Подготвени сме да почнеме сериозни разговори базирани на програмата на која работевме напорно“, рече тој.

СДС ќе има 25 места во 90-члениот парламент. Единствената партија што досега најави дека ќе соработува со СДС е централно-десничарската Нова Словенија, која освои 7,1 отсто од гласовите и седум пратенички места.

Тоа ѝ дава клучна улога на ЛМШ, која доби 13 пратеници. Партијата е предводена од комичарот и политички сатиричар Марјан Шарец, кој се опишува себеси како политичар „против естаблишментот“.

Вкупно 25 партии се бореа за гласовите на електоратот од 1,7 милиони избирачи.