Јанушев: Милиони евра им се нудат на пратениците за уставни измени

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вечерва на прес-конференција обвини заогромен притисок врз пратениците на опозицијата да гласаат за промени на Уставот според Преспански договор, за што, според него, им се нудат милиони евра.

„Денес добива совршена смисла се она што се случуваше во изминатата година ипол. Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени произлезени од договорот со Грција.

Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе.

Ќе споменам неколку примери, на еден пратеник му се понудени 1 милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени, на друг пратеник му се понудени 2 милиони евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина.

Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето“, рече Јанушев.

Првиот оперативец на партијата што освои најмногу места во Собранието на последните парламентарни избори потоа испрати директна порака до премиерот Зоран Заев.

„Господине Заев, има ли алал во ова?

Дали сте свесен, господине Заев, што правите и во каков амбис ја водите државата?

Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете пратениците слободно да одлучуваат.

Никаде во светот нема киднапирано Собрание и расправа која ќе се закаже кога ќе се постигне потребното мнозинство за кое власта решила дека мора да се постигне. Ова е невиден преседан.

Сето ова ќе ви се врати како бумеранг, ова не се демократски вредности, ова не е за европска Македонија, за која наводно се боревте, ова е диктатура на неколкумина врз мнозинството.

Ова што Заев денес го нарекува обиди за создавање на мнозинство, во реалноста е насилие, насилие токму врз македонскиот народ“, додаде Јанушев пред да поентира.

„Господине Заев, Вашата злоба и насилство не е поголема од нашата љубов кон  Македонија“, рече тој, оддавајќи им признание на пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ за неподлегнувањето на притисоците и на заканите.

Седницата што се очекува цел ден е закажана за 21 часот.

 

SHARE

Оставете Коментар