ЈО: Кабинетот на претседателот Иванов не бил инволвиран во упадот во Собранието

Обвинителката Вилма Русковска која го води случајот 27 април тврди дека обвинителството нема докази за инволвираност на кабинетот на претседателот Иванов во упадот во Собранието со цел прогласување вонредна состојба.

Освен посредно споменување на советникот за национална безбедност на претседателот обвинителството нема други докази за било каква поврзаност и затоа не се води никаква постапка против лицето Синиша Алексовски кое вчера беше споменато во судот како индиректен извор на наводни информации.

Запрашана за шпекулациите за барање притвор за повеќе лица од УБК и од Петтата управа, обвинителката потврди дека истрагата ќе биде проширена но во неа нема да биде и советникот на претседателот затоа што тој не може да биде на исто рамниште како и тие за кои вчера се сведочеше дека имале директни контакти со обвинетите.

“Никола Бошковски беше споменат од сите обвинети што даваа исказ вчера и тие имале директни контакти со него.

Синиша Алексовски вчера, и самите сте свесни дека вчера беше споменат дека некој разговарал со него, па ја пренел информацијата.

Не можеме да ги ставиме на исто рамниште споменувањето на едниот и на другиот”, изјави Русковска за 1тв и додаде дека обвинителството нема други докази за наводите дека упадот во Собранието бил исцениран од кабинетот на претседателот Иванов заради прогласување на воена состојба.

Изјавата на Русковска за 1ТВ

SHARE

Оставете Коментар