„Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални. Текстовите се заменети со гласни, месингани и дрвени инструменти како труба, зурла или кларинет. Ова не е некој чуден аспект на локалното музичко наследство.

Традиционалните песни во овие региони имаа свои зборови – но тие беа на јазик што грчката држава се обиде да го избрише пред речиси еден век: македонскиот словенски јазик, пишува британски „The conversation“ во напис во кој се обидува да објасни како, преку лингвистичко угнетување, беше избришано македонско словенско наследство во  Грција.

Во продолжение донесуваме делови од написот објавен денеска:

„По новите победи во две балкански војни во 1912 и 1913 година, територијата и населението на Грција драматично се проширија со додавање на лавовски дел од историскиот географски регион на Македонија, делот што се наоѓа на јужната страна на планината Ворас (Ниџе и Беласица).

Како што често се случува во историјата, државните граници не се совпаѓаа со јазичните. Таканаречените ‘Нови земји’ претставуваа разновиден мозаик од различни јазични групи, меѓу кои и 260.000 луѓе кои зборуваа на варијанти на јужнословенски јазик и кои ги нарекуваа ‘тукашни’,“нашта“ ‘македонски’.

Овие варијанти, вклучувајќи ја и стандардизираната верзија која денес е официјален јазик на ПЈР Македонија, имаат сличности со бугарскиот – и многу луѓе во Бугарија ги сметаат за бугарски дијалекти. Но, социолингвистиката покажа дека она што се смета за јазик само по себе и што се смета за дијалект на еден јазик во суштина се одлучува по политички, а не по лингвистички критериуми.

За грчката влада, луѓето што зборуваат македонски словенски на нејзина територија не се вклопуваа во национална идеологија. Знаците на непријатнелство кон новата грчка мултијазична реалност почнаа многу рано. Во 1920 година, грчките власти го извршија првиот попис по територијалната експанзија на земјата. Беше поставено и прашање за јазикот, но податоците …никогаш не беа објавени.

Во северниот дел на земјата, властите започнаа масивна мисија на хеленизација. Преку ноќ, македонските словенски имиња на луѓе, места и игри беа преведени на грчки од јавните службеници.

Во 30-тите и во атмосфера на натпреварување на национализмите во јужниот дел на Балканот, сличностите меѓу македонскиот словенски (во Грција) и официјалните јазици на тогашната Социјалистичка Република Македонија и на Народна Република Бугарија – од другата страна на Железната завеса – почнаа да поткреваат сомневања кај грчките власти за лојалноста и ‘свеста’ на луѓето кои говореа македонски словенски јазик.

Во август 1931 година, грчкиот новинар и подоцнежен политичар Периклис Илиадис во негова колумна за весник повика на забрана за поздравување во ‘бугарски’ и на јавно пеење песни на други јазици, освен грчки – два предлога што брзо беа усвоени од фашистичкиот режим на Јоанис Метаксас.

Во 1936 година, генералниот гувернер на Македонија издаде наредба за забрана 122770: ‘За враќање на единствен јазик’, по која следеше забрана за употреба на македонскиот словенски како јавноо, така и приватно. Луѓето фатени како зборуваат македонски словенски – понекогаш од страна на полицајците прислушувани низ прозорците на луѓето – беа влечени во воените полициски станици каде што беа тепани, а понекогаш и измачувани. Оние кои имаа пари беа казнувани. Наставниците ги тепаа учениците кои зборуваа македонски словенски на час или на игралиште – дури и кога тоа беше единствениот јазик што го зборуваа.

Во 1994 година, Хјуман рајтс воч ја повика Грција да стави крај на вознемирувањето на луѓето кои говорат македонски словенски јазик. Во 1998 година, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Грција го прекршила правото на нејзините граѓани да формираат здруженија со тоа што одбила (да им овозможи –н.з.) да основаат македонско културно друштво. Но, овие повици дојдоа многу доцна.

Гостилница во Лутраки (Аридаја, северна Грција) со словенското име на селото Пожар. Буквата ‘Ж’ е позајмена од латинската верзија на македонскиот. Автор е предвидено

Во услови на агресивно и насилно угнетувања што го претрпеа во 1930-тите, луѓето кои зборуваа на македонски словенски, развија длабоко вкоренет страв да зборуваат на својот јазик пред луѓето што не ги познаваат и не им веруваа.

Престанаа да ги пеат своите песни, свирејќи ги само традиционалните тонови од нивното музичко наследство.

Денес, само постарите луѓе го зборуваат јазикот. За помладите луѓе, тоа е повеќе пасивно знаење – еден вид наследство што ќе изумре со постарата генерација и единственото нешто што ќе остане да ги потсетува ќе бидат неколку зборови и песни од кои младите музичари не ги знаат зборовите…“