Како за 5 месеци шефот на МАНУ Таки Фити ги погази своите ставови за името

Пред само 5 месеци претседателот на МАНУ Таки Фити тврдеше дека Македонија не смее да преговара за ништо друго освен за името и дека промена на уставот не доаѓа предвид.

Сега ексминистерот за финансии во владата на Бранко Црвенковски е подготвен на се што пред 5 месеци во март оваа година одбивал како претседател на највисоката научна установа во земјава.

Во експозе на академијата за 2017 и 2018 година Фити кој сега оправдува се што бара Грција велеше дека никој нема легитимно право да преговара за прашањата за националниот идентитет на македонскиот народ, за името на македонскиот јазик, за промена на Уставот на Република Македонија.

Дел од неговото експозе во кое говори за проблемот со Грција.

“Суштината на погледите и ставовите на МАНУ во врска со проблемот што Република Грција го има со уставното име на нашата земја, во оваа пригода, ќе ги резимирам на следниов
начин:

Прво, МАНУ редовно укажува дека развојот на добрососедски и пријателски односи со Република
Грција е приоритетен интерес на граѓаните на Република Македонија, бидејќи со нашиот сосед нè поврзуваат традиционално пријателство, заеднички економски и други интереси и големи
можности за научна и културна соработка.

Заради поскоро доаѓање до заемно прифатливо
решение МАНУ ги охрабрува политичките водства на двете страни да ја преземат одговорноста и
храбро да се соочат со реалностите на времето и потребата за градење на перспективи за
заедничка иднина.

Второ, аргументацијата на Република Македонија во разговорите со Република Грција треба да се
базира на два основни постулата: едниот е дека, наспроти аспирациите на Република Грција
спорот за името да го димензионира во интернационален, тој, според својата природа и суштина, е билатерален (впрочем, досега 137 земји нè имаат признаено под уставното име), но, со напоменување, дека за него се преговара под покровителство на ООН, што е гаранција дека
мораат да бидат почитувани нормите и стандардите на ООН за меѓународниот статус на државите и човековите слободи и права; другиот е дека, предмет на расправа, во согласност со
Резолуцијата 817 на Советот на безбедност на ООН од 1993 година и со Привремената спогодба
меѓу Република Македонија и Република Грција од 1995 година, е само и единствено името,
односно надминување на разликaта за името на државата, а не и други прашања, особено не и
идентитетските прашања, кои влегуваат во сферата на елементарните човечки права и за кои не се преговара.

Трето, оттука, никој нема легитимно право да преговара за прашањата за националниот идентитет на македонскиот народ, за името на македонскиот јазик, за промена на Уставот на Република Македонија и за други прашања што навлегуваат во нашиот идентитет.

Четврто, предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница,
да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името
на јазикот, македонски, исто така, да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа
се прави во нашата земја, се апсурдни, неодржливи. Тие, суштински гледано, навлегуваат во идентитетските прашања и според тоа за нас се неприфатливи. Во ОН и нејзините органи и
институции како работни јазици се користат само оние што како такви се изречно утврдени.

Оттука, Македонија во овој поглед би била исклучок, преседан и тоа би претставувало прекршување на нормите во Повелбата на ООН.
Петто, за позицијата на Република Грција, едно име за сите употреби (erga omnes), не треба да се разговара, бидејќи тоа не е предвидено ниту со Резолуцијата 837, ниту со Законот за ратификација на Привремената спогодба.

Прифаќање на erga omnes решение (едно име за севкупна употреба, значи, едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба) би значело промена на Уставот на Република Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори (билатерални и мултилатерални) во кои се користи уставното име на земјата итн. итн. –
според тоа, ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо”, изјавил првиот човек на МАНУ пред само 5 месеци.

SHARE