Македонската поп-дива Калиопи го почна својот настап на затворањето на музичкиот фестивал „Бедем фест“ во Никшиќ со песната „Зајди, зајди“ на Александар Сариевски, а изборот го објасни пред новинарите.

„Одлуката да тргнам со ‘Зајди, зајди’ беше спонтана, бидејќи сметам дека тоа е добра најава, посебно во овие времиња што ги преживува Македонија. Ние низ концертот ја провлековме неколку пати. Тоа е мојата мисија – покрај тоа што се занимавам со музика, на луѓето да им раскажам од каде сум, од каде доаѓам. Секогаш тоа најдобро го кажувам низ песната“, вели таа, признавајќи дека малку недостигало да запее „Још не свиќе рујна зора“, но се откажала, плашејќи се тоа да не биде „премногу и можеби луѓето погрешно би ја сфатиле“, но затоа новинарите ги почести со почетокот од песната.

Македонија е нешто свето за неа, ќе нагласи една од најпопуларните македонски пејачки и надвор од нејзините граници.

„Јас сум некој што живеел и работел во два система и иако Македонија е мојот дом, нешто свето за мене, нешто што го носам во себе, ако попатно не беа и Црна Гора, Босна, Србија, Хрватска, Словенија, сите тие земји во кои уште од мали нозе сум чекорела, гледала, учела, создавала, пеела, би била непотполна. Ние Македонците сме едноставен народ, мала земја и сметам дека е многу битно тоа што кога ќе излезам од Македонија и ќе ја преминам границата да наидам на својот втор дом“, додава Калиопи.

На деветтото издание на „Бедем фест“ од Македонија настапи и кумановскиот бенд КИ, победник на годинашниот „Фестивал на младината“ во Суботица, како и на музичкиот фестивал во Ровињ пред Нова година.

 

SHARE