Камбовски: Ниту една влада нема право да преговара за идентитетот на Македонците

Ниедна влада или друга државна институција нема легитимно право да ги проблематизира, преговара или договара за идентитетот и јазикот на Македонците, бидејќи тие прашања не се врзани за нив, туку за припадниците на македонскиот народ, тврди академик Владо Камбовски во еден од своите неодамнешни говори.

Во екстремно скапото издание на збирката на сите негови говори додека беше претседател на МАНУ, насловена „Беседи“, е и говорот одржан на 9 мај 2014 година, по повод Денот на Европа (стр. 320-325). Посочувајќи дека е неоспорно влијанието и на извесна разочараност од повеќегодишното одлагање на почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, Камбовски истакнува дека, „спорот станува очигледно предмет на бескорисни политички манипулации, спротивно на сите рационални основи и причини и за неговото наметнување и за неговото решавање“.

„… Секому е јасно дека започнување со преговори за членство на Република Македонија во ЕУ не само што нема да го усложни проблемот со името, туку напротив, ќе го олесни неговото надминување, меѓу другото и со зголемување на заемната доверба и со директно инволвирање во него на европските институции. Исто така, секому е јасно дека вештачки конструираните прашања на македонскиот национален идентитет, јазикот и уставното име на Република Македонија не се предмет на преговори, затоа што не можат да бидат тоа. Тие не се врзани за државата, туку за поединецот и неговите природни слободи и права – на идентитет, јазик, име што тој ќе и го даде на својата држава, така што ниедна влада или друга државна институција или поединец во нив нема легитимно право да ги проблематизира, преговара или договара нешто за нив. Тие не можат да бидат ни предмет на референдум, закон, уставна измена или каков и да е акт на државата, затоа што се природни, неотуѓиви и неоктроирани права, недопирливи за државата“, јасен е Камбовски.

Оставете Коментар