Камбовски го нападна Иванов, МАНУ за името ќе молчи 3 месеци

Екс претседателот на МАНУ Владо Камбовски смета дека Иванов како претседател е должен да потпишува закони, а не да изнесува лични ставови.

“Уставна должност на претседателот на државата е да ги потпише законите и договорите што ги усвојува и ратификува Собранието, а не да изнесува лични ставови и толкувања, ова денеска го изјави академик Владо Камбовски одговарајќи на прашања на новинарите во Охрид каде учествува во работата на Летната школа по природно право што се одржува во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науки и уметности.

Камбовски смета дека не треба да се попречуваат интегративните процеси на земјата кои се отворени со договорот за добрососедство со Бугарија и договорот за решавање на спорот за името со Грција, што треба да биде потврден на референдум, а потоа и во Собранието, по што потпис треба да стави и претседалот.

– Штом прифатиш да бидеш претседател и си дал заклетва дека ќе го почитуваш Уставот, тогаш нормално е дека треба да се однесуваш согласно таквата определба консеквентно. Ако е тој според Уставот должен, не се работи за слободна волја дали ќе го потпише или не законот, дали ќе има ваков или онаков став, тоа е друга работа, негова уставна должност, оттука и законска должност е да го потпише законот, рече академик Камбовски.

Тој смета дека и најавеното референдумско изјаснување на граѓаните по однос спорот би можело да успее, односно со оптимистички став дека постои волја за таков исход кај политичките субјекти.

– Противењето на еден таков чекор треба да понуди некаква друга реална алтернатива која ќе даде некаква изгледност дека Македонија може да излезе од длабоката општествена криза. Јас очекувам дека на крајот ќе преовлада свеста кај најрелевантните политички партии дека е тоа добар и исправен правец, истакна Камбовски.

Тој најави дека Центарот за стратегиски истражување при МАНУ во септември ќе организира научна конференција на која ќе бидат дообјаснети решенијата од Договорот за решавање на спорот за името.

3 Коментари

Оставете Коментар