Каменос: „Може да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат“

Лидерот на „Независни Грци“, Панос Каменос останува на неговиот став дека Македонија нема да стане членка на Алијансата и дека преспанскиот договор нема да се спроведе.

На грчките новинари во Брисел, Каменос, кој е актуелен министер за одбрана во коалиционата влада на Аексис Ципрас, вчера им рекол дека лично смета дека договорот од Преспа никогаш нема да се имплементира бидејќи смета дека нема да помине во грчкиот парламент, пренесе агенцијата АНА-МПА.

„Може да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат с’е додека го користат терминот Македонија“, рекол Каменос според АНА- МПА.

Во однос на тоа кога ќе се одржат избори во Грција, лидерот на помалиот коалициски партнер во владата на новинарите им рекол да не очекуваат избори бидејќи „сѐ додека скопското прашање не е дојдено во Парламентот, изборите ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат“.

Информативниот портал „Ин“, коментира дека дел од ставовите на Каменос се спротивни на официјалните соопштенија, а дел се неточни, јави дописничката на МИА од Атина.

Атински „Катимерини“ во вчерашна анализа предвидува дека сепак, во голем дел и поради договорот од Преспа, за кој СИРИЗА И „Независни Грци“ имаат „тенко“ мнозинство во грчкиот парламент, многу е извесно дека премиерот Алексис Ципрас ќе  распушти владата на пролет и ќе закаже парламентарни и локални избори заедно со оние за Европскиот парламент во мај 2019 година.