Loading...

Жоан Кањелјас предупредува дека минималната предност од првиот дуел со Киел од 29:28 е ништо пред денешниот реванш од 17 часот во Скопје, но е уверен дека навивачите на Вардар ќе им помогнат на ракометарите да ја бранат европската круна и на завршниот турнир во Келн.

„Еден гол разлика за нас е ништо против Кил. Таква предност имаше и Рајн Некар Левен минатата сезона, па испадна. Но, нашите навивачи ќе ни помогнат“, вели шпанскиот лев бек, кој пред две години дојде меѓу „црвено-црните“ токму од трикатниот европски првак.

Рајн Некар Левен во осминафиналето на Лигата на шампионите лани славеше во првиот меч во Кил со 25:24, но во возвратниот во Манхајм победија „зебрите“ со 26:24, откако на полувреме беше 12:12, и се пробија меѓу осумте најдобри екипи.

Од Кил во Вардар во 2016 година пристигна и Рожерио Мораеш, кој блескаше во првиот натпревар, кога постигна пет гола, колку и колегата на линијата од 6 метри, капитенот Стојанче Стоилов, како и десното крило Иван Чупиќ.

„Очекувам голема борба и многу тежок натпревар, иако играме дома. Салата ќе биде полна и сигурен сум дека ќе имаме голема поддршка од нашите навивачи“, изјави бразилскиот пикер. „Мислам дека играме подобро од минатата година, со оглед на тоа дека немавме големи промени во играчкиот состав и тоа ни помогна да напредуваме тактички и технички. Неодамна ја освоивме СЕХА-лига, а сега се бориме за место во Келн. Ќе сториме сè во наша моќ да биде дел од тој настан и, се разбираме, ќе се обидеме да ја одбраниме титулата“.

Домагој Дувњак од Кил знае што ги очекува него и соиграчите во СЦ „Јане Сандански“.

„Дефинитивно, ќе биде тешко во Скопје. Ја знам атмосферата таму. Но, ние исто така знаеме да играме ракомет и се надевам дека можеме да го направиме тоа. Ќе дадеме сè од себе. Нашата добра одбрана со различните системи е предност за нас. Се надевам дека ќе се видиме во Келн“, вели хрватскиот бек на германскиот рекордер со 20 шампионски титули во Бундеслигата.