Каракачанов му препорача на Заев да чита историја

Вицепремиерот и лидер на ВМРО Красимир Каракачанов остро ги осуди зборовите на македонскиот премиер Зоран Заев дека Илинденското востание било македонско.

Каракачанов го повика Министерството за надворешни работи веднаш да реагира. „… така се добиваат двојни стандарди – ние зборуваме за заедничко славење на општи датуми од нашата заедничка историја. Затоа случајот не треба да се пренебегне“, вели тој бидејќи втора година по ред Заев при прослава на Илинден пак не споменува Бугари кои учествувале во востанието.

Според лидерот на ВМРО „очигледно тоа е типично балканска карактеристика во политиката – мислењата да се менуваат на 180 степени…“

Красимир Каракачанов истакна дека македонскиот премиер е напаѓан во земјата поради потпишаниот договор за добрососедство и на тој начин се обидува да се извлече од критиките.

„Но, тоа не може да е оправдување, бидејќи вистината стои над ситните политички игри. Најчиста варијанта е тој да каже вистината – дека Илинденско-Преображенското востание е заедничко за двете земји“, вели лидерот на ВМРО.

Тој додаде дека: „Ако Заев навистина верува во она што подоцна го кажа – дека востанието е македонско, му препорачувам да прочита историја“.

SHARE

Comments are closed.