Инсистирањето на премиерот Зоран Заев дека името на државата мора да се промени било пресудно за претставниците на Македонска заедница од Малта предвреме да ја напуштат средбата, вели нејзиниот претседател Максимилијан Казаков во разговор за expres.mk.

„Без разлика на нашите спротивни укажувања содржани и во протестното писмо што му го врачивме на министерот за дијаспора Адеми при неговата посета во март, премиерот инсистираше на тоа дека името на државата морало да се промени, за да се избегнеле опасностите со кои таа би била соочена ако остане надвор од евроатлантските организации. Со оглед на целосно различните ставови, заклучивме дека немаме за што повеќе да разговараме и ја напуштивме средбата“, објаснува првиот човек на организацијата што постои 2,5 години и во која членуваат повеќе од 5.000 Македонци што живеат и работат во Малта.

За нивното спротивставување на Законот за употреба на јазиците, кој предвидува албанскиот да стане службен на целата територија на државата паралелно со македонскиот, Заев, како што вели Казаков, „не искоментира ништо, мудро премолче“.

На 40-минутната средба премиерот ги информирал за разговорите со државниот врв на Малта, за потпишаниот договор за признавање на дипломите и дека на ред биле возачките дозволи, дека ќе имало конзуларни денови во оваа земја, а од септември имало можност да се отвори и македонско дипломатско претставништво во Малта.

„Ние побаравме да се помогне за зголемување на времетраењето на работните дозволи за нашинците во Малта од една на две или три години. Тој рече дека мора да се поработи со Малта, со оглед на бројката на нашинци тука“, вели Казаков.

Претседателот на Македонска заедница во Малта е задоволен од „одличниот третман“ на Македонците во земјата со која Македонија воспостави дипломатски односи дури на 25 јануари минатата година.

 

SHARE

Comments are closed.