Ќе има ли војна мој невнимателен Премиере? – пишува Горан Момироски

Loading...

Ако некого буни заменската придавка со посвојно значење „Мој“ во насловот на оваа колумна еве објаснување.

Да почитувани, Зоран Заев е и мој премиер, без разлика на сите околности под кои дојде и опстојува на власт екс градоначалникот на Струмица формално е премиер на сите граѓани на Македонија. Можете тоа да не го прифаќате или да го мразите, можете со тоа се гордеете или да жалите но тој е човекот што ги претставува сите во рамки на извршната власт. Такви се макеоднските закони и тие додека постои македонската држава мора да се почитуваат.

Конкретно Зоран Заев е политичар кои што има неограничена поддршка од најмоќните земји на светот и со тоа е и најмоќниот човек во државата, што се уште се вика Република Македонија.

И затоа што е мој, наш, нечиј, тој не смее да биде невнимателен како што призна во обраќањето до браќата Бугари во кое се правдаше дека погрешил кога рекол дека Илинденското востание е Македонско.

Човекот што пред уставот се заколнал дека ќе биде одговорен во почитувањето на македонските закони не смее да биде невнимателен. Затоа што тоа значи дека цела држава Македонија невнимателна и со тоа не е држава. Невнимателни можат да бидат колонии, територии, но не и држава за каква ја сметаме Македонија.

Точно е дека секој греши, исправен пред сериозни предизвици и Заев може да згреши но не смее да биде невнимателен како што јавно призна.

Ќе беше добро премиерот да кажеше што му го одвлекло вниманието, судирот САД – Кина, Косовската поделба или нешто друго. Можеби парите од Фондот за иновоации за кои сите знаеме кому ќе бидат дадени за да се расчистат старите предизборни долгови. Или џипот на началникот на БЈБ кој ја шетал ќерката со службено обезбедување на МВР по грчките плажи. Или пак убавините на плажата на која се сликаше насмеан во купаќи со министерот за надворешни работи? Ќе беше фер да знаеме што е тоа што го прави нашиот премиер невнимателен. За да знаеме во иднина кога да очекуваме негова нова невнимателност.

Да бидеме искрени, јавното признание дека првиот човек на извршната власт е невнимателен кога во земјата нема ни пожар ни поплава е признание за неспособност, и негова но пред се на луѓето околу премиерот.

Тоа што Заев не знае дека Гоце Делчев е закопан во Скопје а не во Благоевград може да е момент на слабост какви што имаме сите а може да е предизвикан од неговото лично непознавање на општата македонска историја и култура. И тоа не е страшно ниту тој ниту неговите предходници не биле супермени да знаат се, страшното е во тоа што Заев јавно фатен во дволичната игра во која нон стоп ги менува исказите за тоа дали Илинденското било македонско или бугарско востание пред јавноста во двете земји призна не само дека е невнимателен туку и дека си игра со емоциите на луѓето од двете страни на границата.

И Македонските граѓани и нашите бугарските пријатели и роднини не се глупави. Тие не сакаат невнимателни луѓе особено такви политичари а уште подобро знаат кога некој ги манипулира. И затоа ваквите невнимателности во иднина мора да бидат избегнати. Не заради премиерот или политиката туку поради граѓаните во двете земји кои иако соочени со стотици манипулации од своите политичари знаат што е лага а што човечка грешка а сепак создаваат омраза за другите.

Како што сите знаеме дека по вчерашното извинување од Заев до Софија на патот до ЕУ не очекуваат уште многу слични чекори, признанија, извинувања, објаснувања, тврдења од Македонска страна. Затоа што Борисов вчера јасно ни најави дека кога ќе влегуваме во ЕУ најверојатно ќе мора да се откажеме од Илинден, Прличев и најверојатно и од Гоце Делчев.

И тука доаѓаме до најневнимателниот потег од страна на премиерот во последниве две недели.

Премиерот со ништо не се огради од проценките на двајцата негови главни играчи во Евроатланските аспирации на Македонија. Искрено, чекав да се обрати и да каже дека јавноста не треба да се плаши, дека Македонија е силна земја со силни сојузници кои што било што да се случи нема да дозволат да има нестабилност, дека Македонија има институции кои ќе спречат секаква дестабилизации.

Но за жал тоа не се случи. Заев не кажа ниту еден збор за заканите на националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски и неговиот советник и шеф на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани кои (ин)директно ни најавија војна во земјава ако не помине референдумот и не се направат уствавните промени, односно ако земјава не влезе во НАТО.

Неговото премолчување на овие две изјави значи премолчена согласност со нивните ставови особено затоа што, потворувам, се работи за луѓе директно назначени од него на високи функции во владата.

Нема македонски граѓанин што не знае дека референдумот за името е историски чекор за евроатланските интеграции и дека по него Македонија може да се најде во лоша ситуација каков и да биде резултатот. Македонските граѓани и самите знаат за великодржавните аспирации на соседите во кои Македонија не се гледа како посебна држава.

Кога најавите за војна доаѓаат од странски и димашни радикали е една работа но кога навестување на конфликт доаѓа од страна на негови советници и соработници е опасно сценарио за кое Заев не смее да молчи.

Тој ако знае мора јавно да каже, како што тоа го стори по заканите од Борисов, дали нешто и се подготвува на Македонија ако не помине референдумот.

Затоа што ако знае а не кажува ќе биде лошо за сите, најлошо за него и за сите оние што по изјавите за војна донесоа одлука да заминат од оваа проклета земја во која тие што треба да се борат со стравовите кај народот предизвикуваат страв од војна.

А за тие што знаеле дека има опасност и не ја спречиле, ако има такви, има посебно место во пеколот.

1 Коментар

Оставете Коментар