Ќе се сретнат ли Димитров и Коѕиас денеска во Брисел?

Loading...

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешниот појадок со неговите колеги од Европската Унија во Брисел ќе ги информира европските министри за текот на реформите во земјата и ќе бара од нив да го „препознаат историскиот момент за Македонија и регионот“, јави дописникот на МИА, повикувајќи се на дипломатски извори.

Министерот Димитров, вчера во Брисел имаше средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини. Се очекува, Могерини да ги информира министрите на земјите членки на ЕУ за напредокот на преговорите.

Се уште не е потврдено дали Димитров ќе се сретне со Никос Коѕијас, бидејќи е најавено дека грчкиот министер, веднаш по Министерскиот совет на ЕУ планира да отпатува за Германија каде треба да биде примен од германскиот претседател, Франк Валтер Штајнмајер.

Грчка „Ефимирида“ денес пишува дека двајцата министри „ќе имаат уште еден клучен круг консултации со цел да продолжи дијалогот“, но извесно е дека нема да се разговара за предлогот „Илинденска“ кој веќе е отфрлен.

Весникот „Катимерини“ вчера шпекулираше дека, наводно, на маса има нов предлог „кој се однесувал на Крушево“.

Весникот „То Вима“, пак, пишува дека од петте имиња од оригиналниот пакет идеи на Нимиц, на маса се уште се наоѓале три: „Горна“, „Нова“ и „Северна“  Македонија.