Коѕијас чека големо „да“ или „не“, Грција порано разговарала за двојна формула

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во вечерашното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ беше уверен дека во наредните денови ќе дојде до решение на спорот за името.

На прашањето зошто се одложува телефонскиот разговор меѓу премиерите на Македонија, Зоран Заев и Грција, Алексис Ципрас, Коѕијас изјави дека по рамката за договор што беше утврдена на неговите средби со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров во Њујорк и Брисел, „сега дојде време да се каже големото ‘да’ или големото ‘не’.

„Јасно е дека владата на соседната земја се соочува со тешкотии и размислува за некои ревизии на договорот, но верувам и се надевам дека за неколку дена сè ќе се надмине“, рече Коѕијас и додаде дека сè додека нема потписи на договорот, никој не може да каже дека сè е готово.

Прашан дали името што е договорено е Северна Македонија, Коѕијас не сакаше да одговори, додавајќи дека името што ќе се договори ќе го објават премиерите на двете земји.

Според Коѕијас, македонската влада не го прифаќа името Вардарска Македонија, бидејќи смета дека се однесува на ерата на фашизмот и на окупацијата.

Во дел од интервјуто Коѕијас кажа дека претходните грчки влади прифаќале многу неповолни решенија за Грција, па дури и разговори за двојна формула.