Кога почнавме сами да си пукаме во нога?

Кој не го разбра поимот erga omnes или кога и зошто беа напуштени претходните позиции?

Кога почнавме сами да си пукаме во нога и да станеме тотални инвалиди во овој процес кои можат да одат само со помош на грчки штаки?

Зошто и кога е направено тоа крупно назадување – напуштање на нашите позиции и прифаќање на употреба на новото име не само во меѓународна комуникација, туку и со трети земји кои веќе го имаат признаено уставното име па дури и во внатрешна употреба!

Тоа се тие прашања на кои македонската јавност бара и заслужува одговор, прашува  на својот ФБ профил Елеонора Каранфиловска Ратклив, новинарка, амбасадор и поранешна советничка во Кабинетот на претседателот Киро Глигоров.

Каранфиловска нотира дека сега се прави обид на замајување на јавноста дека македонската страна отсекогаш преговарала за име кое во опсег ќе има и надворешна, но и внатрешна употреба и со тоа да се оправда ова значајно напуштање на нашите позиции во разговорите за името кои никогаш – до сега, барем! – не отстапија од двојната формула.

Постот го пренесуваме во целост:

„Преговорите за името ги следам од дистанца и без да имам други сознанија од оние што ги има и македонската јавност, такви какви што се, конфузни, а понекогаш и контрадикторни во распостилањето на емоциите на Премиерот и на министерот-преговарач на јавна сцена, нивната егзалтација од “скоро сме таму”, до патриотски даунери “не им даваме се што ќе посакаат”.

Она што нема, а што беше неопходно, е експертска дебата врз факти и слични меѓународни спорови. Нема дури ни издржана политичка дебата, а моментот е на начекување на Заев да се лизне – подеднакво и при ситуација да го реши прашањето и при ситуација да не го реши.

Во такви услови, како никогаш до сега Премиерот и неговата партија се истрчани на терен со сиот ризик, а целејќи не на самиот момент на решавање на прашањето на името, туку на она што како “награда” би требало да следи по тоа, а тоа е покана за членство во НАТО и евентуален датум за отпочнување преговори за членство во ЕУ. Сите ние во улога на гледачи сме сведоци на френетичното закажување средба по средба, некои повеќечасовни пеглања на отворени прашања, нивните насмевки пред камерите додека ни кажуваат дека имале напати и мачни разговори.

Она што ќе остане за историјата е кога и како, и уште повеќе зошто се напуштаа некои порано освоени позиции. Тука, пред се, мислам за опсегот на употребата на новото име, или нашето (не)разбирање на erga omnes.
Се прави сега еден обид на замајување на јавноста дека македонската страна отсекогаш преговарала за име кое во опсег ќе има и надворешна, но и внатрешна употреба и со тоа да се оправда ова значајно напуштање на нашите позиции во разговорите за името кои никогаш – до сега, барем! – не отстапија од двојната формула, односно композитно име со географска одредница за меѓународна употреба и Република Македонија во внатрешниот поредок и билатерално со земји со кои тоа така е и направено.

Уште повеќе – тоа како легитимно право било прифатено и од грчка страна! Едно препрочитување на белешките на Wikileaks од 2009 го потврдува тоа. http://wikileaks.wikimee.org/cable/2009/07/09ATHENS1277.html

На 17 јули 2009 година грчкиот преговарач во спорот Василакис ги брифирал НАТО и ЕУ амбасадорите во Атина за ставот на владата на Грција по тогашниот најнов предлог од Нимиц. Според белешката на тогашниот американски амбасадор во Атина Даниел Спекхард, иако Василакис јасно истакнал дека грчката позиција (сложено име со географска одредница и употреба во севкупните меѓународни односи) останува непроменета, сепак неговите одговори на прашањата “навесуваа можна флексибилност во однос на erga omnes употребата”. Се наведува дека кога Василакис бил прашан од еден од амбасадорите дали трети држави ќе бидат под притисок да го употребуваат новото име во билатералните односи, тој одговорил дека името би требало да се употребува насекаде, но дека “секој билатерален однос, се разбира, би бил базиран врз принцип на заемен договор” и дека “Грција нема рецепт за сите инстанци”.
Друг амбасадор го прашал дали erga omnes значи дека од Македонија ќе се бара да го употребува новото име за внатрешна употреба. Спекхард го цитира Василакис: “Јас не го реков тоа!”. Тој потоа додал дека во октомври 2008 Нимиц предложил Македонија да продолжи да го користи своето уставно име за внатрешна употреба, но дека целиот пакет би требало да биде доволно добар за да биде прифатлив за Грците.
На оваа средбата со амбасадорите станало збор и за јазикот и идентитетот. Според американскиот амбасадор, Василакис истакнал дека името употребено во Обединетите Нации (“Macedonian”) не е само техничко прашање, туку е во сржта на спорот. Тој сугерирал дека македонската ОН карта треба да употребува “Makedonski”, а не “Macedonian” на англиски. Во однос на пасошите, Василакис се потсетил дека грчката влада има предложено дека ако се употреби кирилично спелување “Република Македонски” (можеби се мисли “Македонска Република”) би било можно, а цитирајќи ја употребата на националните јазици во ЕУ како преседан.

Сега – ако ова го прифатиме како неспорен факт, а немаме причина да се сомневаме во тоа, моето прашање е кога почнавме сами да си пукаме во нога и да станеме тотални инвалиди во овој процес кои можат да одат само со помош на грчки штаки…

Е тоа се тие прашања на кои македонската јавност бара и заслужува одговор.

Да се исфрлаат „гласноговорници” сега и на сцена да фрлаат магла дека тоа отсекогаш било така е инфантилно и ја потценува нашата интелигенција. Уште повеќе, понижувачко е кон сите оние претходни генерации вградени во создавањето на современа Македонија.

И за крај, еве уште една таква белешка, од Скопје – разговор на американскиот амбасадор Рикер со поранешниот претседател Глигоровна 3 ноември 2008 http://wikileaks.wikimee.org/cable/2008/11/08SKOPJE669.html

“Нема демократија без компромис”, амбасадорот го цитира Глигоров, кој истакнал дека македонските лидери и граѓани мораат да бидат подготвени на компромис за “се друго освен нивниот јазик и идентитет”.

Има уште многу мудри мисли во оваа телеграма и му препорачувам на Заев да се наврати и да прочита.

Еден искрен однос кон јавноста ќе стори многу“, препорачува Каранфиловска.