Кој тоа таму пее – Пишува Роберт Димитриевски

Насловот на оваа колумна не е преземен случајно од истоимениот култен филм на ексјугословенската кинематографија од 1980 година. Разликата е само во тоа што во антологиското остварување на режисерот Слободан Шијан станува збор за комедија на апсурдот, а во случајот со новокомпонираната песна за поддршка на претстојниот референдум за преименување на Македонија во прашање е трагикомедија на апсурдот.

Поинаку и не можат да се наречат лесните ноти интерпретирани од 16 македонски пејачи и актери во прилог на тоа македонските граѓани во што поголем број да излезат на плебисцитот за менување на името на нивната држава и за целиот пакет уставни промени што го тангираат македонскиот национален идентитет. Не дека познативе и помалку познати имиња од македонската естрада што дефилираат во нумерата не можат да имаат политички став. Скраја било. Башка, и народната мудрост не вели залудно дека „кој пее, зло не мисли“.

Не е никаков проблем да мислиш дека со евентуалниот успешен референдум твојата земја ќе ги отвори портите на рајот, дека преку ноќ ќе почне да тече мед и млеко, а преку ден ќе се исправат сите пропусти од прогласената независност во 1991 година до денес. Секој има право на сопствено мислење што е подобро за него лично, за неговото семејство и, пошироко, за државата во која живее. Проблемот е во принципите.

Добар дел од ликовите што се појавуваат во спотот за кампањата „За европска Македонија“ не толку одамна немаа проблем да се најдат во патриотски контекст, пеејќи за македонски револуционери, војводи и комити, покрај навивачки песни, нарачани и, веројатно, добро платени од претходната Влада, односно од Агенција за млади и спорт. Не е, белки, дека сега пејат без пари, убедени во евроатлантската идеја, за која вреди да се жртвува името, за кое поголемиот дел од сегашните нарачатели од власта со децении се пенавеа дека е свето? И колнеа во стилот раката да му се исуши на тој што ќе потпише за промена, макар и заради членство во НАТО и во Европска унија?!

Второто прашање е: кога чувствуваа артистиве дека се поголеми патриоти – за време на „режимот“ или сега, кога „дојде животот во Македонија“? Тогаш да не беа натерани со сила некои од нив да пејат „Земјо македонска“, „Со маки сум се родила“, „За Македонија“, „Македонска армија“, „Најјаки од сè“ итн.? За разлика, нели, од сега, кога самоиницијативно и сигурно без надомест се ставиле во служба на владината кампања за аминување од народот на договорот од Преспа што го склучија Заев и Ципрас, а го потпишаа Димитров и Коѕијас.

И трето, поврзано со пејачиве и глумциве што (глумат дека) пејат: зошто нивниот ангажман за политичка цел, која голем дел од Македонците ја сметаат за непоправлива штета за нивниот идентитет, е „кул“, а, да речеме, одбивањето на Влатко Лозановски да настапи на „НАТО-фест“ беше дочекано на нож? Тој нели има(ше) право на сопствен став и на лични побуди зошто смета дека не треба да биде (зло)употребен како дел од прославата за поканата за евентуалната покана за членство во Алијансата?

Ако ја префрлиме топката на спортско поле, истата дилема за двојниот аршин околу принципиелноста се наметнува и при повлекувањето паралела меѓу Кирил Лазаров и Наумче Мојсоски. Најдобриот македонски ракометар во историјата и капитен на репрезентацијата во пролетта минатата година буквално го растргнаа мегафоните на тогашната опозиција за поддршката за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Кире сторил смртен грев, бидејќи мешал политика и спорт, наместо да си ја гледа топката, за разлика од „визионерството“ на неговиот бивш колега од националниот тим, кој позираше со маичка со натпис „Излези ‘за’ европска Македонија“!?

Што да каже човек, освен да ја повтори репликата од скеч на еден од актерите што отвора уста во песната за референдумот: „Е па Македонче – чорба“.

Единственото добро во сето ова е што ќе останат траги за однесувањето на сите во овие историски мигови за Македонија и за македонскиот народ. А од судот на историјата еден ден нема бегање. Секој ќе си го добие заслуженото место.

 

4 Коментари

  1. Толку се бедни текстовите на Роберт Димитриевски, што е многу тешко да се напише коментар за нив. Да одговориш на тешки глупости бара приличен напор, за каков ретко можеш да си спремен да го направиш.

  2. Вие од редакцијата на Expres ТРЕБА да го блокирате корисникот тнр. „коментаторот” со име “еден”! Дали имате администратор и дали сметате дека треба да се стопираат навреди, глупости, пропаганда и пцовки од ова платено неодговорно лице!? До кога таков олош ќе злоупотребува просторот за коментарите!

Оставете Коментар