Колемишевски: Ние националисти, тие интернационалисти

„Кои се квалификативите, епитетите, „почестите“ што јас и тие стотици илјади ги добиваме од некои од политичарите и од ордата новинари, аналитичари, колумнисти, порталџии, фејсбукчии, твитерџии и слични хушкачи и букачи задолжени за (од) официјалната пропаганда. Тие нас нѐ карактеризираат како слепци, како луѓе што не го гледаме изгревот на слободата, луѓе што не сфаќаат дека над Македонија ќе свети ново сонце. Ние, со тоа што сме имале став Македонија да не го менува името, што никако не сме се согласувале со ерга омнес, сме биле заостанати во умот и со застарени сфаќања, не сме го сфаќале новото време, сме продавале лажен патриотизам, ирационален национализам. Ние националисти, тие интернационалисти“, пишува во својата колумна за „Нова Македонија“ Панде Колемишевски, долгогодишен поранешен новинар и уредник во најстариот македонски дневен весник.

Според нив – продолжува Колемишевски -не било патриотизам да го чуваш името на државата, вистински патриотизам да ти било ако се согласуваш да немаш име и презиме, да немаш државотворен корен, да немаш националност затоа што тоа било истрошена работа. И тоа во исто време кога сите европски и американски лидери повикуваат на патриотски вредности, на лојалност и чување на идентитетот на своите нации и држави, во време кога се закануваат такви опасности. Ние што сметаме дека со ерга омнес се брише сѐ што носи назив „македонски“ сме немале поим од историја, зашто сета македонска историја напишана и пренесувана со генерации била лажна, создавана сосила, под комунистичка диктатура. Неуките политичари и историчари во минатото ги труеле односите со Грците и со Бугарите, а тие, види мајката, секогаш ни подавале рака, биле наши браќа, ама сме биле заблудени, со испрани мозоци, не сме можеле да ја видиме таа блискост што ни ја нуделе. Тие биле правите, ние грешните.

Еве, и мене ме наредија во лажни патриоти, заблудени националисти- македонисти, ситни трговци, изманипулирани пензионери, слепи визионери, луѓе што не гледаат ништо подалеку од својот двор или балкон. Меѓу луѓето кои со тоа што велат дека спогодбата со Грција носи одредена штета ја уништуваат Македонија, ја ништат нејзината иднина и иднината на своите деца и внуци. Ние на сѐ сме гледаме црно, тие гледале бело, иако црното од спогодбата со Грција на големо се продава како најбело.

И ни крив ни должен, освен заостанат, ќе најдат начин, со разни шуш-шуш методи, да те прогласат за инфициран прорусин, пропутиновец, ќе ти накалемат проруска ориентација, дури и земање подрака руски пари…“ пишува Колемишевски во колумна во „Нова Македонија“.

SHARE

Comments are closed.