Рускиот весник „Комерсант“ оценува дека резултатите од референдумот во Македонија нема да ја одредат само судбината на грчко-македонскиот договор, туку и нејзиното членство во НАТО и во ЕУ, а евентуалниот неуспех би го дестабилизирал Балканот.

Според московскиот дневен лист, епилогот од плебисцитот ќе го определи и новиот геополитички распоред во регионот.

Во врска со референдумското прашање „дали го поддржувате членството во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“, дневникот забележува дека власта, всушност, им предложила на граѓаните да ја потврдат приврзаноста кон двете организации, заедно со согласноста за промена на името на земјата.

„Комерсант“ наведува дека за рускиот фактор почнало сериозно да се размислува откако власта во Скопје обвинила бизнисмени од Русија дека ги финансирале антивладините демонстрации против договорот со Грција.

„Во Москва не го кријат негативниот однос кон договорот меѓу Атина и Скопје за ново име на Македонија. Според зборовите на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, тој е далеку од интересот за јакнење на мирот и на безбедноста на Балканот и служи исклучиво како инструмент за забрзано вовлекување на Македонија во НАТО“, пишува весникот.

„Комерсант“ додава дека многумина македонски политичари и балкански стручњаци сметаат оти до дестабилизација на Балканот би довеле токму неуспехот на македонскиот референдум и пропаѓањето на договорот со Грција.

 

1 Коментар

Оставете Коментар