Консултативен референдум за Преспански договор и во Грција?!

Грчкиот премиер Алексис Ципрас размислува за организирање необврзувачки референдум за Преспански договор во почетокот на 2019 година, дознава грчкиот весник „Ефимерида“.

Според извор на весникот, Ципрас сака со консултирање на народот за договорот со  својот македонски колега Зоран Заев да отепа две муви со еден удар: да го задоволи бескомпромисниот став на помалиот партнер во Владата, партијата Независни Грци на Панос Каменос, за народот да реши за ова прашање или на референдум или на избори, како и да проба да го анулира големото заостанување на неговата СИРИЗА во анкетите во однос на опозициската Нова демократија.

Претседателот на грчката влада во интервју за државната телевизија ЕРТ на 13 јуни по потпишувањето на договорот во Нивици изрази оптимизам дека договорот ќе помине во Парламентот, па самоуверено порача дека нема да организира референдум и оти не се плаши од митинзите против спогодбата. Тогаш напомна и дека договорот не бара промена на грчкито Устав, за разлика од задолжителните уставни реформи во Македонија.

Но, два месеца подоцна го смени мислењето и за да добие поддршка од центристите на Ставрос Теодоракис, како и да спречи распад на владината коалиција со Каменос. Покрај тоа, Ципрас игра и на картата на „заткулисните контакти на Брисел, Вашингтон и ФИРОМ во последен момент да се обезбеди убедливо ‘да’ на референдумот“, пишува „Ефимерида“. Според нејзиниот извор, премиерот на јужниот сосед потоа уставните промени во Македонија би ги претставил како голема победа на неговата земја и со тоа очекува полесно да добие одобрување од граѓаните на плебисцитот што би се организирал во првите месеци од наредната година.