Од првата сезона меѓу ракометарите на Вардар на Даинис Криштопанс најголем впечаток му оставиле македонските навивачи, опишувајќи ги како целосно спротивни на германските.

„Тие не се како Германците, кои доаѓаат да пијат пиво, туку скокаат и викаат. Многу се енергични“, изјави десниот бек на поранешниот европски клупски првак за Летонска телевизија.

Леворакиот бомбардер додава дека токму огнените фанови на Вардар во почетокот му создавале дополнителен стрес на натпреварите на домашен терен, посебно преполните трибини на средбите од Лигата на шампионите. Во првите месеци вели дека имал тешкотии и со привикнувањето на новиот систем на игра, што го правело нервозен, па тренинзите му биле потешки од мечевите. Тренерот Раул Гонзалес од него барал повеќе да привлекува на себе противнички играчи, а помалку да размислува на противничкиот гол.

Летонскиот џин висок 215 см и тежок 135 кг реди комплименти за клубот: „Вардар е европски великан, условите се на највисоко професионално ниво, клупската сала е одлична, играчите имаат сè што им треба“.

Криштопанс го разбира српскиот јазик и вели дека веќе почнал постепено да го владее и македонскиот. Во Скопје, вели, веќе го препознаваат на улица и му се обраќаат.

За следната сезона нагласува дека целите на клубот се непроменети, и покрај заминувањето на шест ракометари и на двајца тренери.

„Вардар и во следната сезона ќе има многу добри играчи и ќе може да му се спротивстави на кој било тим во Лига на шампиони“, уверува Летонецот, кој го обврзуваат уште две години од договорот со „црвено-црните“.