МАНУ или АНУГМ, денови на искушение за името – Пишува Горан Момироски

Во заднината на спорот за името деновиве се случува најсериозната дипломатска офанзива во последниве десетина години, со цел да се најде решение преку потпишување меѓународен договор, како една од опциите за затворање на прашањето.

Ова го брифираат повеќе западни и грчки извори, кои не откриваат кој сè учествува во офанзивата, ниту, пак, која е целта на меѓународниот притисок. Во недостиг на конкретни информации од преговорите, кои владата во Скопје ги крие дури и од претседателот, што точно се случува може да се нагаѓа само врз основа на јавно достапните вести.

Ако се суди според посетата на британската премиерка Тереза Меј на Скопје веднаш по нејзиното учество на самитот ЕУ – Западен Балкан в четврток, Грција, дефинитивно, не е целта на притисокот. Иако се говори и за засилена активност на дел од дипломатскиот кор во Атина, која се граничи со вознемиреност, но и воздржаност, сепак, острицата на големите сили е насочена на север.

Ако проценките се прават според историските врски меѓу Лондон и Атина, Македонија е таа што деновиве е под силен притисок, најсилен од Букурешт 2008 година, кога го доживеа најсилното разочарување на надворешен план од независноста.

Само да потсетиме дека Тереза Меј, според британскиот устав, е премиерка на нејзиното величество, кралицата Елизабета, чиј, пак, син пред три дена во Атина изјави дека „Грција ми е во крвта“.

Пи-ар стратезите на Владата во ситуација кога заврши времето на шармирање и дојде времето на тешки одлуки и кога сфатија дека нема да можат да преземат историски одлуки, почнаа да признаваат дека погрешно ги зголемија очекувањата на јавноста за спорот за името.

И затоа за дваесетина дена имаме неколку изјави со кои јавноста се подготвува на нов пораз во дипломатската битка со Грција.

Прво националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, изјави дека нема да биде крај на светот ако не влеземе во НАТО, истата фраза ја повтори и министерот за надворешни работи Никола Димитров пред неколку дена, а вчера, како да е тоа нешто сосема нормално откако целосно го спуштивме гардот, тоа го повтори и премиерот Зоран Заев, со тоа што тој како природен оптимист смета дека во септември или во октомври, сепак, може да се најде решение.

Дипломатскиот пораз, кој е сè поизвесен, сега пече повеќе поради тоа што Македонија во знак на добра волја веќе се откажа од имињата на аеродромот „Александар Велики“ и на автопатот „Александар Македонски“, што, објективно, е само симболика која не влијае на ниедна важна тема во земјава, но направи и други стратешки отстапки во спорот за името, а резултатите, сепак, се катастрофални.

Ако нема некакво драматично поместување, извесно е дека и на јулскиот самит на НАТО ќе добиеме нов заклучок со силна поддршка, но без покана.

Практично, по една година интензивни компромиси од македонска страна, со елиминирање на Бугарија како грчки аргумент во лошата „добрососедска политика“ и со пасивни Франција, Шпанија и Португалија (кои во 2008 година во Букурешт беа грчки лобисти), пак влегуваме во зоната на „замрзнат конфликт“.

Двете следни можни сценарија за името се лоши за Македонија.

Во првото, ако навистина потпишеме меѓународен договор со Атина, обврските во него ќе бидат исклучиво за Македонија. Единствената обврска на Грција е да ја пушти да влезе во НАТО, но само, повторувам, само ако Македонија ги заврши неверојатните домашни обврски со промена на Уставот, согласност за апсолутна „ерга омнес“, промена на пасоши, лични карти, сите други лични документи, преименување на МАНУ во ГМАНУ, Музејот на македонската национална историја во Музеј на историјата на Горна Македонија и така натаму.

Една од штетните нус појави во првото сценарио е што Македонија сама се повлекува од Времената спогодба од 1995 година и со тоа, практично, го поништува единствениот свој силен меѓународно валиден документ, пресудата на Судот од Хаг, со која се докажува дека немаме територијални претензии кон јужниот сосед и дека со ништо не сме провоцирале за да дојдеме во ваква ситуација.

И второто сенарио е исто така катастрофално. Ако преговорите пропаднат, целосно не е исклучено тие да продолжат во јуни в година, кога ќе се конституира новата влада на Кирјакос Мицотакис во Атина. Но, братот на Дора Бакојани и син на експремиерот Констатинос Мицотакис нема да влезе во преговорите со позицијата на неговата сестра од 2008 година, туку со нова радикализирана агенда.

Таа агенда ја создаде оваа грчка влада со помош на македонските власти. За Мицотакис помладиот географската одредница за Македонија, уставните измени и ерга омнес за сите и секаде, вклучително и за целосна внатрешна употреба, е веќе стекнато право. Тој воопшто нема да сака да разговара за овие работи, особено кога македонскиот премиер Заев јавно пред сите ги прифати без да добие какви било гаранции дека за возврат и ние ќе добиеме нешто во преговорите.

Ако дотогаш, според грчката страна во наредниве две години, во Македонија владата од какви било причини не ги прифати барањата или дојде до промена на власта, тогаш е речиси извесно дека спорот за името заедно со поделбата на Кипар и палестинското прашање и во наредниве 100 години ќе се изучува како еден од најидиотските, најнерационалните и најдолги активни замрзнати конфликти. Дури и Заев да успее да остане на власт по две години, нејасно е што тој дополнително може да даде во преговорите за повторно да го оживее процесот. Иако, судејќи од неговата досегашна креативност, ништо не треба да нè изненади.

 

1 Коментар

  1. Момироски, зошто ги следиш дневните изјави за преговорите? Зар не гледаш дека скоро секој ден се различни? Според нив, еден ден сме многу блиску до решение, а утредента – многу далеку. Инаку, дали навистина мислиш дека ќе пропаднат преговорите? Мислиш ли дека ЕУ и САД ќе дозволат тоа да се случи и Македонија да не влезе во НАТО? Преговорите можат да пропаднат или да се одложат само ако ЕУ и САД не се заинтересирани или не се доволно заинтересирани Македонија СЕГА да влезе во НАТО и исходот на преговорите ВООПШТО НЕ ЗАВИСИ од вољата и од спремноста на Македонија и Грција.

Comments are closed.