Две лица на возраст од најмногу дваесетина години ноќеска нешто по полноќ само чудо ги спасила од сигурна смрт откако во возилото во кое се движеле биле испукани најмалку триесетина куршуми од автоматска пушка Калашњиков.

Инцидентот се случил на улицата Алија Авдовиќ во скопската населба Ченто на влезот од селото Сингелиќ општина Гази Баба.

Возилото во кое биле нападнатите марка Мерцедес – Бенц е изрешетано од предната страна, на ветробранското стакло има десетина дупки направени од куршуми а неколку дупки од куршуми има и од страната на возачот.

Според очевидци на настанот кои се затекнале во близина, од едното возило кое веднаш го напуштила местото на инцидентот а го бркало возилото во кое биле двете момчиња, најпрвин било пукано во мерцедесот во движење а потоа кога возилото застанело во ветробранското стакло бил испразнет цел шаржер од калашњиков.

На возилото на напаѓачите за кое не се знае која марка било немало регистерски таблички што укажува на можноста напаѓачите да го планирале нападот однапред.

Според непотврдени информации се работи за случај на крвна одмазда стар дваесетина години.

Двете момчиња во кои било пукано веднаш биле пренесени најпрвин во градската општа болница во Скопје а потоа едното било пренесено во Ургентниот центар во Скопскиот клинички центар каде што му била извршена хируршка интервенција.

Според непотврдени информации едниот нападнат нема ниту една рана а другиот само една посериозна и според неофицијални информации не е во животно загрозувачка состојба.

SHARE