Културното наследство во опасност – пишува Горан Момироски

Смртта на Јован Ристов, човекот кој беше првиот директор на една од најважните национални културни институции е добар повод да се проговори за опасноста за воведување на целосен хаос во делот од македонската култура посветен на културното наследство.

Последниве неколку недели повеќе извори блиски на министерството за култура и други владини сегменти брифираат за обид да се урне постоечкиот систем на заштита на културното наследство во Република Македонија.

Имено група таканаречени „кутурни работници“ од различни побуди со месеци предлагаат и лобираат за укинување на Управата за заштита на културното наследство, институција која се грижи за заштита на областа од која што во огромен дел зависи и македонскиот идентитет.

Според тоа што го анализираат повеќе доброупатени луѓе во проблематиката обидот да се урне Управата и нејзините ингеренции да ги преземат други локални или национални институции можат да се објасни со четири причини.

1. Првата потенцијална причина е државата односно Владата со елиминирање на сериозна критична институционална професионална сила (со сите нејзини слабости како дел од администрацијата) да обезбеди простор за непречено спроведување на сите заклучоци и решенија усвоени од страна на двете историски комисии со Грција и Бугарија.

Најпластично објаснето, со укинување на Управата во иднина Владата без притисокот од експертите во неа ќе можат секој артефакт ископан на територија на Македонија, од на пример античкиот период, да го прогласи за грчко или елинско а не македонско културно наследство.

2. Втората причина за обид да се укине институцијата која што се грижи за културното наследство на државно ниво е создавање простор за хаос во археолошките ископувања за кои што сега Управата дава дозволи. Ако се укине управата дозволите за ова би ги давале локални културни институции кои освен што се професионално и научно неподготвени за ваква активност се многу поподложни на корупција а немаат ниту механизми за контрола на археолошките ископувања кои што носат милиони евра на црниот археолошки пазар.

3. Третата потенцијална причина за уривање на националната инстуција која што е една од најмалку подложните на политички притисоци поради врвните професионалци кои што соработуваат или работат во неа е таканаречената етнизација на културното наследство. Повеќе извори тврдат дека дел од советниците на министерот за култура и премиерот инсистираат на укинување на Управата за да може полесно да се промовираат различни културни влијанија кои се спротивставени од сегашните трендови во заштитата на културата.

Со нејзино укинување работата на заштита на културно наследство ќе дојде во раце на политички личности на локално ниво кои што ќе можат по свое лично, национално или партиско убедување да одлучуваат дали ќе се промовира словенска, илирска или елинска компонента во истражувањата и заштитата.

4. Четвртата причина за укинувања на Управата е чист криминал. Без национална контрола на градежните работи, кој ќе биде одговорен за мониторинг на локациите на кои се градат згради а за кои дозволи издаваат локалните власти. Зарем некој мисли дека општините соочени со долгови ќе размислуваат два пати пред да дадат дозвола за градба на локации кои што се сметаат за археолошки наоѓалишта.

Посебна приказна е можноста да се прави погрешна селекција на археолошките локации поради недостаток на стручност кај локалнните власти и културни институции кои според планот на советниците на министерот за култура и премиерот ќе треба да ја преземат надлежноста за издавање на дозволи за градба на потенцијални археолошки локалитети по укинување на Управата за заштита на културното наследство.

За да ви биде појасно во каква авантура влегува владата треба да се знае како функцонира сега системот институции од областа на културата, во тие рамки и Управата за заштита на културното наследство

Поставеноста на заштитата на културното наследство во Република Македонија во однос на хиерархиската надлежност е поделена на три сегменти.

Тука, во прв ред е Министерството за култура, како главен и доминантен финансиер на годишните програми за остварување национален интерес во културата во делот за заштитата на културното наследство (недвижно, движно и нематеријално), потоа мрежата на национални и локални установи од областа на заштитата на културното наследство, како сегмент преку кој непосредно ја реализира заштитата на културното наследство (стручни работи), а тука е и Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, како контролен механизам на целиот процес што се одвива меѓу Министерството и установите за заштита на културното наследство (јавни функции).

Со евентуалното укинување на Управата за заштита на културното наследство се нарушува воспоставениот концепт на огранизација на заштитата на културното наследство, кој се заснова на поделба на стручни работи и јавни овластувања, како, на пример, управни работи, водењето на Националниот регистар на културното наследство, Археолошкиот катастар, конзерваторскиот мониторинг, мониторингот на безбедноста и превенцијата на културното наследство итн.

Исто така, при непостоење на Управа за заштита на културното наследство дополнително се оптварува дејноста на Министерството за култура со јавни овласувања, односно управни-стручни работи, која, пак, има значителна дневна динамика во прометот на севкупната документација, како ревизија на елаборати за валоризација/ревалоризација на културното наследство, одобрување на заштитно-конзерваторски основи за просторни и урбанистчки планови, идавање дозволи за археолошки истражувања, одобренија за конзерваторски истражувања, конзерваторски одобренија, прием на конзерваторски работи, уверенија за извезување/изнесување движни добра итн.

Би се усложнил инспекцискиот надзор специјализиран за превенција и контрола при споведувањето на Законот за заштита на културното наследство. Овде ќе нагласиме дека се работи за стручна инспекција за секоја област одделно во областа на заштитата на културното наследство, како, на пример: археологија, архитектура, историја на уметноста, етнологија итн., различна од инсекциската служба на Министерството за култура.

Дали со укинувањето на Управата за заштита на културното наследство ќе се вратат во надлежност управните работи кај стручните установи распределни во три категории, така како што е и поделено културното наследство, односно кај установите задолжени за заштита на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство.

Тоа, пак, отвора можност за невооедначено практикување на Законот за заштита на културното наследство. Тоа ќе значи дека зводите би ги вршеле управните работи од областа на недвижното културно наследство, музеите за движното културно наследство, а, пак, овластените субјекти за заштита на нематеријалното културно наследство за наследството за кое се задолжени, кои, пак, во поголем број не се од редот на установите под надлежност на Министерството за култура, туку имаат делегирано право на заштита, а се од редот на Министерството за образование и наука.

При нефункционирање на Управата за заштита на културното наследство се нарушува воспоставениот централизиран систем за вршење на функциите на државата во областа на заштитата на културното наследство.

Со евентуалнота дисперзија на јавните функции на државата во областа на заштитата на културното наследство, а во лицето на Управата за заштита на културното наследство, се создаваат предуслови за дисхармонично делување на установите задолжени за заштита на културното наследство, како што беше состојбата пред донесувањето на Законот за заштита на културното наследство пред 2004 година, односно разнообличие при примената и спроведувањето на Законот за заштита на културното наследство.

За крај да потсетам дека првите процедури за основање на Управата за заштита на културното наследство започнуваат кога министер за култура е Ганка Цветанова во влада предводена од ВМРО-ДПНМЕ, а крунисувањето на целиот тој процес завршува во 2004 година кога министер за култура е Благоја Стефановски, тогаш од влада предводена од СДСМ.

SHARE

1 Коментар

Оставете Коментар