Квиз: Секој втор читател на „Њујорк тајмс“ не знае каде е Македонија

Само педесет проценти од читателите на „Њујорк тајмс“ одговориле точно на прашањето каде се наоѓа Македонија во интерактивниот квиз „Колку многу знаете за Македонија“ на онлајн-изданието на американскиот весник.

Како можни одговори на ова прашање, кое се одговара така што треба да се кликне на картата на Европа, се понудени и Литванија, Романија и Чешка.

Само 37 отсто од учесниците во квизот одговориле точно на прашањето за главниот град на Македонија, избирајќи го Скопје меѓу Берн, Подгорица и Софија.

Секој втор читател на дневниот лист од „Големото јаболко“ правилно ја дополнил констатацијата дека „повеќе од две децении Македонија се бори со својот јужен сосед Грција за…“, избирајќи го понудениот одговор: „своето право да има ‘Македонија’ во своето име“. Другите три алтернативи се: „своите годишни поморски вежби на Преспанско Езеро, кое е на границата на двете земји“, „астрономските трошоци за изградба на автопатот Е-75, кој го поврзува Скопје со Солун, вториот по големина град во Грција“ и „која земја ја има највкусната мусака“.

Педесет отсто од учесниците на квизот правилно ги пополниле двете празни места во констатацијата „Виното одиграло централна улога во Македонија најмалку од времето на Римјаните, кога владеачките императори го фаворизираа своето грозје“. Трите преостанати парови на алтернативни одговори се: „чоколадо; какао“, „кафе, грав“ и „чај, лисја“.

Конечно, 43 отсто точни дополнувања „за секој ден од годината“ се дадени на исказот „Охрид, чие словенско име доаѓа од ‘во рид’, или град на ридот, е еден од најстарите градови во Европа. Стотици цркви се испреплетени низ ридовите, наводно, по една за…“. Другите понудени одговори се: „секој католички светец“, „секој основач и заштитник на овој древен град“ и „секој именуван рид во и околу градот“.