Лага и паралага – Пишува Роберт Димитриевски

„На лагата ѝ се кратки нозете“ и „Ако козата лаже, рогот не лаже“ се само дел од арсеналот народни мудрости што без многу думање можат да се употребат во врска со најновите обиди да се превесла македонската јавност.

Премиерот, провладините медиуми и „експертите“ блиски до власта вчера на сите ѕвона ја обзнанија радосната вест дека Македонија добила датум за почеток на преговори со Европска унија во јуни 2019 година. Арно ама, уште несоземени од еуфоријата што ги беше зафатила и најоддалечените краишта на „идната Северна Македонија“, како што веќе ја нарекува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, се јавија расипувачите на забави. Како не ги мрзеше да копаат по заклучоците на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург и да ја обеспокојат тукушто егзалтираната јавност со информацијата дека, всушност, за Македонија точно по една година повторно ќе се дискутира дали да почне преговори, и тоа ако дотогаш исполни повеќе услови. Станува збор за спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европска комисија и одлука на Советот на ЕУ. Самиот извештај на Комисијата, пак, треба да биде фокусиран на три области: реформа на јавната администрација, реформа на разузнавачките служби, како и судски реформи и борба против корупцијата.

Дури и да ги исполни сите наведени услови, кој гарантира дека новиот состав на највисоките институции на ЕУ по изборите за Европски парламент од 23 до 26 мај 2019 година еден месец потоа ќе ја потврдат сегашната одлука за условен старт на преговори? Посебно ако се имаат предвид очекувањата за уште поизразен замав на националистичките и евроскептични политички сили на стариот континент, чии претставници во улога на европратеници само ќе го окрупнат блокот против проширувањето на Унијата и ќе го направат уште погласен и понепоколеблив.

Уште не се исуши мастилото од пенкалото со кое Никола Димитров во Нивици го потпиша договорот со Грција, со кој, како што неговиот шеф Зоран Заев се пофали, бил „забетониран“ македонскиот национален идентитет, а демантот брзо стигна од неколку страни. Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на Конференцијата за стабилност и безбедност на Родос јасно порача дека „договорот покажува оти овде немаме спротивставеност меѓу Северномакедонците и Грците…“. Единаесетмина европарламентарци, пак, вчера му пишаа отворено писмо на претседателот на Европски совет, Доналд Туск, во кое, покрај лобирањето и за почеток на преговори со Албанија и со „Северна Македонија“, зборува и за „млади Северни Македонци“. Дури и европски кошаркарски вебстраници почнаа македонските кошаркари да ги водат како Северни Македонци, како што направија со Перо Антиќ.

Претходно, манипулираа и со значењето на терминот „националност“, упорно третирајќи го како ознака за етничка припадност, а не според веќе широко распространетото користење на тој израз во смисла на државјанство, кога се пофалија дека го одбраниле идентитетот. А како тоа го одбраниле кога квалификацијата „Македонци“ во графата на земјата во Обединети нации ја деградираа со договорот од Нивици преку формулацијата „Македонци/граѓани на Република Северна Македонија“? Ако тоа е „бетонирање“ на националниот идентитет, зошто, на пример, Франција не постапи идентично, па народот да си го дефинира како „Французи/граѓани на Република Франција“? Етнос/народ и граѓанство/државјанство не е исто, а тоа најдиректно го потврдуваат Бугарите, кои кога зборуваат за Македонци не мислат во етничка, туку во територијална смисла.

Манипулациите и лагите, за жал, не се од вчера или од пред неколку дена. Како поинаку да се протолкуваат фалбите за не знам колку влезени директни странски инвестиции во земјава откога се на власт СДСМ и ДУИ од минатиот јуни наваму, а ниту една лопата со малтер да фрлат или да пресечат лента? Згора на тоа, ако толку многу ја подобриле бизнис климата, па се тепаат однадвор да вложат тука, како тоа растот на бруто домашниот производ лани беше нула, а во првиот квартал годинава „дури“ 0,1 процент?

Те немало Тиранска платформа, а „донесоа“ закон за двојазичност како прва точка од потпишаното од партиите на Албанците кај Рама токму во главниот град на Албанија. Те ерга омнес и менување на Уставот важи само ако Грците прифатат „Илинденска Македонија“, за само неколку дена подоцна да важи и за „Северна“.

Со лага, впрочем, и почна сè, кога Заев пред парламентарните избори во декември 2016 година јавно вети дека ќе се повлече од кормилото на СДСМ ако загубат макар и со еден глас, па заборави на тоа кога заврши со два пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ. Кој да му верува сега дека ќе даде оставка ако не успее референдумот за договорот со Грција? Исто како и на Димитров, кој не само што не се повлече, како што најави, ако не им помине предлогот за Илинденска Македонија, туку и го потпиша договорот за „Северна“.

Дури и колнењето во деца и во родители, очигледно, не им е проблем, само да го остварат тоа што го наумиле или што некому му ветиле дека ќе го исполнат. Но, и овчарчето ги лажело селаните дека иде волк, па кога тој навистина дошол, никој не му поверувал и не излегол да му помогне како пред тоа. А волкот по оваа власт може да дојде многу наскоро и кога таа најмалку ќе се надева. Тогаш ни селани, ни граѓани нема да ѝ помогнат.

 

8 Коментари

  1. Што тресеш зелени. Авионот полета кон ЕУ и НАТО, а во него се наоѓа и Македонија. Ништо нема да спречи Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО. Кучињата колку и да лаат, караванот врви.

    • Edeen vo EU ke vlezes zaedno so Turcija. Avionceto sto ti leta vo glava treba da go vidi doktor. A ova sto napisal Dimitrievski e samo 0,1% od lagite sto gi kazavte od 2014 god. pa navamu.

  2. Врвен услов за нив Грците е ЕРГА ОМНЕС, а за НAС е НЕВOЗМОЖЕН услов токму ЕРГА ОМНЕС! За НАС ЕРГА ОМНЕС е НАША црвена линија! Заклучок: билатерално со Грција НЕМА РЕШЕНИЕТО!

  3. Грците, како и 2008. во Букурешт повторно преку Франција не излажаа!
    Формално Грците во понеделник пред 2 дена пратиле писмо до ЕУ, но Франција (наместо Грција) не блокира!
    Сега Грција е чиста, но ЕУ не даде датумот!
    Напред Преваранти од ЕУ!

  4. Двојната формула од секогаш беше всушност обична утопија, па ако така земеме сите Грчки барања на крајот на процесот на тнр. преговорите би ги реално вклучиле недозволено мешањето во уставна материја и ревизија, посебно во областа на идентитетот. Единствено што е можеби добро во оваа цела авантура е овој тнр. Договор. Овој договорот конечно потврди ДЕКА НЕМА РЕШЕНИЕ, за проблемот, освем во ООН, со користењето на предноста од 140 држави што не признале под уставното име! Во оваа смисла, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи Јанев.

Comments are closed.