Лазански: На Македонија ѝ се заканува косовско сценарио

Српскиот писател, новинар и военополитички коментатор Мирослав Лазански, во коментар за белградскиот весник „Политика“ предупредува дека на Македонија ѝ се заканува косовско сценарио.

„Жал ми е за Македонците, сè оди кон нивно самопонижување. Ќе се согласат ли под притисок на Грците, во името на влезот во ЕУ и во НАТО, на промена на името на државата, да го загубат својот национален идентитет и својата историја? Бидејќи, ќе мораат да го менуваат и Уставот, кој, во контекст на Тиранска платформа, практично речиси и да нема граѓански карактер“, пишува пратеникот во Народното собрание на Србија од 2016 година во коментарот насловен „Изгубена нација“.

„На Македонците навистина не им беше лесно. Грците ги обвинуваат за кражба на името и на историјата, Бугарите за кражба на јазикот и на верата. Сегашното постоење на Македонија се признава само низ нејзиното порано постоење, ‘Бивша Југословенска Република Македонија’. Постоечката Македонија на меѓународен план, што се однесува до името, не постои. Ако се прашуваат Грците, Македонија би требало да се вика ‘Ничија земја’ или ‘Бивша Југословенска Република бр. 5’. Што се, меѓутоа, Македонците ако не постои Македонија? Северни Македонци? Нови Македонци?“, прашува аналитичарот познат по несекојдневните, често и контраверзни ставови, кој во продолжение за Македонија ја користи референцата во Обединети нации.

„Сега Бивша Југословенска Република Македонија се најде сама на ветромет. Бугарија македонското национално прашање одамна го смета за свое прашање, Софија будно го набљудува развојот на настаните во Скопје, Грците брутално уценуваат околу името, враќање во Југославија повеќе нема, односите со Белград се прилично студени, стандардот на населението не напредуваше колку што се очекуваше, во полето на напнатоста меѓу националните претензии и зависноста од Западот не се живее посебно пријатно. Поделбата на општеството на два национални табора е повеќе од очигледна, бившите бунтовници-терористи денес се почитувани и признати политичари на високи функции во државата, Уставот е мртва буква на хартија, а како реален устав всушност се наметна националниот апартхејд. Сите животни области се проникнати со етнизација, и тоа е дефинитивен чекор кон федерализација на државата. Договорот од Охрид и Тиранска платформа не ги неутрализираа напнатостите во меѓунационалните односи, туку само ги институционализираа“, ја сецира Лазански состојбата во Македонија пред да поентира.

„На Македонија ѝ се заканува косовско сценарио. Со ново име или без ново име, врвот на националната криза допрва претстои. Всушност, тажни се судбините на некои бивши југо-републики, во БиХ странците ги избраа химната и знамето на државата, во Македонија странците го диктираат името на државата. Уште една потврда дека југословенската клетва полека стигнува: ‘колку појужно, толку потажно’“, заклучува тој.