Леонид Савин: Четири сценарија за Македонија

Геополитичкиот аналитичар Леонид Савин од Меѓународното евроазиско движење и советник на рускиот претседател Владимир Путин во својата последна анализа за порталот „Геополитика“ се осврнува на ситуација со Македонија, разработувајќи четири сценарија за нејзината иднина.

„По потпишувањето на договорот на 16 јуни од премиерите на Македонија и на Грција за преименување на Република Македонија во ‘Северна Македонија’ во земјата почнаа масовни протести. На 17 јуни, кога голем број демонстранти се собраа пред зградата на Парламентот, кој го одобри договорот Ципрас-Заев, беше употребена сила против нив. Полицајците, повеќето од нив со албанско потекло, тепаа стари лица, жени, тинејџери. Специјални средства беа употребени против демонстрантите, вклучувајќи и солзавец. Потоа бран апсења ја зафати земјата.

И покрај секојдневните протести на демонстрантите во центарот на Скопје, на 20 јуни македонскиот Парламент го ратификуваше договорот Ципрас-Заев. Според Уставот, тој му беше проследен на потпишување на претседателот Ѓорге Иванов, но тој категорично одби да го потпише документот. На 20 јуни на претседателот Иванов му беа дадени седум дена за потпишување.

Доколку договорот остане непотпишан, тоа ќе предизвика нова политичка криза, што ќе доведе до повторни парламентарни избори и до промена на рамнотежата на моќта. На Запад не му е потребно тоа.

Македонија во моментов има четири можни сценарија за развој на настаните. Три од нив, во принцип, се насочени кон истиот резултат.

Првото сценарио подразбира покренување импичмент за претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов. За тоа се потребни две третини од гласовите на пратениците во Парламентот, односно 81. Во моментов поддржувачите на преименувањето на републиката во ‘Северна Македонија’, отворајќи го патот за влез во НАТО, заедно имаат 69 гласа. Има извештаи дека неколку луѓе од опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе успеале да ги поткупат. Оваа опозициска партија, која до неодамна владееше со години, е практично неактивна, тивко согласувајќи се да се смени името на земјата. Покрај тоа, од страна на ВМРО-ДПМНЕ се направени обиди за дискредитација на демонстрантите, особено на партијата Единствена Македонија, чии претставници отворено учествуваат во протестите. Со оглед на опортунизмот на ВМРО-ДПМНЕ, можно е уште десетина други пратеници да успеат да ги убедат преку поткуп или со уцена да гласаат за импичмент.

Покрај тоа, самиот претседател може да се повлече од функцијата поради притисокот врз него. Земајќи го предвид фактот дека порано и на првиот македонски претседател Киро Глигоров беше извршен обид за убиство, а вториот претседател Борис Трајковски загина во авионска несреќа (тој одби да ја одобри поделбата на земјата во корист на Албанците), сосем е основана загриженоста во Македонија за судбината на Ѓорге Иванов.

Ако се случи да биде отповикан или доброволно да си даде оставка, ќе биде избран нов претседател, кој најверојатно ќе го потпише несоодветниот договор (заради влез во НАТО). Тогаш ќе се промени Уставот на Македонија, а референдумот нема да игра никаква улога. Новонаименуваната ‘Северна Македонија’ ќе стане федерација, а потоа нејзината поделба по етнорелигиозен принцип е речиси неизбежна. Ова е голем чекор кон појавата на ‘Голема Албанија’ на Балканот.

Второто сценарио подразбира специјалниот претставник на Обединети нации за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц (американски правник, кој му беше помошник на американскиот претседател Линдон Џонсон) може да го поднесе договорот за промена на името на државата на гласање во ОН. Најверојатно, тоа ќе биде направено на следниот состанок на Советот за безбедност на ОН за претходните резолуции 817 и 845 да бидат заменети со нова резолуција. Нимиц директно координира со амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, и тој му дава инструкции на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров. Ова сценарио сè уште не е почнато, но теоретски е можно.

Во третото сценарио, кризата во Македонија може да се одолжи. Тоа, исто така, би довело до нови парламентарни избори и можна промена на домашната политичка рамнотежа. Во таков случај ќе биде лансиран ‘планот Б’, според кој албанските вооружени групи ќе почнат да ги зафаќаат териториите на кои претендираат, со перспектива за повторување на косовското сценарио во Македонија. Со изговор за обезбедување на мирот, војници на НАТО ќе бидат распоредени во Македонија. Технички, ова нема да биде тешко, бидејќи контингентот на НАТО е распореден во соседно Косово и ако е потребно дополнителни сили може да се пренесат од Бугарија и од Грција. Имајќи предвид дека и двете земји имаат историски претензии кон Македонија, тие лесно ќе одговорат на повикот на Вашингтон и Брисел да ја ‘поделат’ Македонија.

Четвртото сценарио произлегува од можноста за уште еден развој на настаните под услов договорот Ципрас-Заев во блиска иднина да не се спроведува. Јавните протести со активна помош на македонската дијаспора можат да добијат сила. Државите заинтересирани за стабилноста на Македонија, а тоа се првенствено соседна Србија и Руска Федерација, можат да преземат соодветни чекори на меѓународната сцена. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ веќе официјално изјави дека Србија не го поддржува договорот со Грција за промена на името на Македонија.

Понатамошните политички консултации со патриотските сили на Македонија и меѓународната правна поддршка може да ја блокираат можноста за понатамошно манипулирање на Западот со иднината на оваа република.

Во остварувањето на кое било од првите три сценарија ќе се врши репресија против македонската патриотска опозиција. ‘Северна Македонија’ ќе влезе во НАТО, Алијансата ќе ја опкружи Србија со цврст обрач и од неа ќе направи нејзина следна жртва. Ликвидацијата на Македонија е исто така веројатна – дел од неа ќе се припои кон Албанија, а уште два дела – кон Грција и Бугарија. Македонија ќе престане да постои како субјект на меѓународното право.

Западот дејствува многу брзо и оваа брзина е поврзана со намерата да се отстрани спротивставувањето на Грција пред почетокот на самитот на НАТО на 11 и 12 јули, со што се елиминираат формалните пречки за прием на Македонија во Алијансата“, пишува Савин во својата анализа.

 

2 Коментари

Comments are closed.