Леонид Савин: Забрзан процесот на уништување на Македонија

Леонид Савин, руски експерт за глобални политички односи и уредник на руското списание „Геополитика“, кој неодамна беше во Скопје заедно со филозофот Александар Дугин, се осврнува на актуелната ситуација во државава во својата анализа „Македонија: Да се биде или не?“ на порталот „Фонд за стратешка култура“.

Професорот Савин и Дугин се најблиски советници на рускиот претседател Владимир Путин, за кои велат дека го кажуваат тоа што тој го мисли, па со оглед на ескалацијата на македонско-руските односи со меѓусебното протерување по еден дипломат, го пренесуваме написот на Савин во целост.

„Од Тиранска платформа до ‘Голема Албанија’

Македонија е втурната во нова политичка криза. На последните избори во декември 2016 година албанските партии освоија 20 од 120 места во Собранието на Република Македонија и Албанците станаа адут во домашното политичко сценарио (ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски освои 51 место, а Социјалдемократски сојуз на Македонија на Зоран Заев – 49). По создавањето на коалицијата на социјалдемократите и на Албанците и назначувањето на функцијата премиер на Заев, кој е познат како штитеник на Сорос, процесот на ‘перестројка’ на Македонија е забрзан. Иако е поправилно да се каже дека станува збор за уништување.

Договорот Заев – Ципрас е склучен

Уништувањето на Македонија се одвива по три линии:

1) работа на промена на името на државата;

2) вклучување на Македонија во НАТО;

3) проширување на влијанието на албанскиот елемент преку давањето на албанскиот јазик на статус на втор државен јазик.

Името на државата е причина за спорот со Грција од почетокот на 1990-тите. Заев сега дава знаци за сериозни отстапки. На состанокот со грчкиот премиер Ципрас (уште еден следбеник на Сорос) во јануари 2018 година за време на форумот во Давос Заев вети дека нема само да се откаже од името на државата, туку и воопшто ќе ја ‘исчисти’ топографијата на Македонија од називи поврзани со името на Александар Велики. Дел од ветувањата се веќе исполнети – еден од главните автопати е преименуван во ‘Пријателство’, а од зградбата на аеродромот во Скопје е отстранета таблата со неговото име (иако на печатот што се става во пасошот тој сè уште е именуван како ‘Александар Велики’). Ципрас за возврат ѝ вети на Македонија (поточно, на земјата со ново име) поддршка за влез во НАТО и во ЕУ. Договорот е склучен.

Протест на Македонците

Во исто време Скопје го посетуваат емисари на НАТО од Брисел за консултации. Нивен аудиториум се социјалдемократите на Зоран Заев и Албанците. Останатите ја сметаат поканата за НАТО како стапица.

Под притисок од протестите во средината на март од редовите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа членовите да ја напуштаат таа организација, разочарани од политиката на властите. Создадена е платформа за заштита на интересите на мнозинството. Поларизацијата на општеството се интензивира. Се слушнаа гласови за потребата од поблиски односи со Русија и пристапување кон ЕАЕС (Евроазиски економски сојуз – н.з.). Оваа линија се потврдува, особено, од страна на политичката партија Единствена Македонија. Па Владата на Заев, додворувајќи му се на Лондон, неодамна донесе одлука да протера руски дипломат.

Тиранска платформа

Што се однесува до албанскиот проект, на 17 март 2018 година во македонскиот парламент е усвоен закон за давање на албанскиот јазик на статус на втор државен (според податоците од пописот на населението од 2002 година, Албанците сочинуваат 25 проценти од двомилионското население на Македонија). Сепак, законот не стапи во сила – претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша. И на адреса на македонскиот претседател веќе почнаа да пристигнуваат закани, вклучително и од раководството на соседна Албанија.

Протест на македонските Албанци

Ако возите автомобил во западниот дел на Македонија, во непосредна близина на Албанија, ќе ви падне в очи една забележлива особеност – голем број албански знамиња и симболи, графити на куќи, во отсуство на државни знамиња. Тоа маркирање создава етнорелигиозна нерамнотежа со изразена политичка пристрасност. Во раните 2000-ти косовските милитанти влегоа во Македонија од тука, од Албанија. Во тој момент територијалните барања на Албанците не беа задоволени, но, под притисок од Запад, македонските власти во август 2001 година беа принудени да го потпишат Охридскиот договор и да ги амнестираат сите албански учесници во борбените дејства. Сега, според податоците намакедонската полиција, во земјата има не помалку од 30 илјади Албанци со скриено оружје. Најголем број сериозни кривични дела во Македонија, вклучувајќи ја и трговијата со дрога, ги прават етничките Албанци.

Претходно, во главниот град на Албанија албанските партии од Македонија ја потпишаа т.н. Тиранска платформа, која директно ја поткопува македонската државност. Платформата ја потпишаа најголемата албанска партија во Македонија, Демократска унија за интеграција, предводена од Али Ахмети, како и помалите организации – Движење Беса, Демократска партија на Албанците и коалицијата Алијанса за Албанците, која ги вклучува Движење за реформи во Демократска партија на Албанците, потоа Единство (Унитети) и Национална демократска преродба). Суштината на Тиранската платформа е промена на Уставот на Македонија, која сакаат да ја претворат од унитарна држава во федерација на Албанците и на Словените. Следниот чекор е соединување во еден ток на дејствувањето на Албанците во автономната српска покраина Косово и Метохија (‘Република Косово’), во јужниот дел на Србија, во Црна Гора, во северниот дел на Грција и во Македонија, со цел обединување на сите територии на Балканот населени со Албанци во рамките на ‘Голема Албанија’.

Дел од средствата за реализација на тој проект, вклучувајќи ги и парите за купување оружје на црниот пазар, доаѓа од албанските наркобарони кои живеат во Лозана, Берн, Цирих. Во Македонија албанските наркокартели имаат создадено лаборатории за производство на синтетички дроги, кои се доставуваат до ЕУ и Турција. Една од нив е во градот Тетово, а органите за спроведување на законот во Македонија ја открија неодамна во заедничка операција со своите колеги од Србија.

Меѓу конфликтите со кои е опкружена Македонија потребно е да се спомене и конфликтот со Бугарија, која не е задоволна, особено, со толкувањето на настаните од Втората светска војна во македонските учебници, имено, дека Бугарите беа сојузници на нацистичка Германија и вршеа масовни егзекуции на македонските антифашисти. Самите Македонци, разгледувајќи ги најлошите сценарија за нив, веруваат дека наскоро би можеле да ги поделат меѓу себе две земји-членки на НАТО – Албанија и Бугарија“, пишува Савин.