Лидерите на ЕУ го потврдија условниот старт на преговори со Македонија

Лидерите на Европска унија се согласија да почнат преговори за членство со Македонија и со Албанија до крајот на 2019 година, ако двата балкански соседа покажат доволен напредок во правосудните и во антикорупциските реформи.

Во соопштението од денешниот самит на Европски совет во Брисел лидерите на ЕУ го прифатија договореното од вторникот од министрите за надворешни работи на земјите-членки да се разгледа прогресот на Македонија и на Албанија во јуни 2019 година и, во случај на позитивна оценка, да се отворат преговори на меѓувладина конференција до крајот на идната година.

Иако немаше дебата за ова прашање на дводневниот состанок на лидерите, соопштението има цел да го цементира компромисот меѓу владите на членките на ЕУ да се одржат во живот надежите на земјите од Западен Балкан, но и да се побараат понатамошни реформи пред преговорите и формално да почнат.

Франција и Холандија побараа поголем напредок, и покрај поддршката од другите 25 членки на ЕУ и препораката на Европска комисија за преговори со Скопје и со Тирана.

Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија се надеваат на членство во ЕУ и многумина во блокот ги гледаат како такви во иднина.

Додека преговорите со Србија и со Црна Гора се веќе во тек, Албанија, која веќе е во НАТО, како и Македонија, која постигна договор за надминување на проблемот со нејзиното име што го има Грција, имаат поддршка од Европска комисија за старт на преговори.