Листата за отстрел на Сашо Орданоски – Пишува Горан Момироски

Последниве 24 часа добив десетици пораки со прашање дали ќе му одговорам на Сашо Орданоски по неговиот текст во кој заедно со колегите од expres.mk ме ставa во групата на „интелектуалното крило“ на медиумската поддршка на ВМРО-ДПМНЕ .

Немав намера за одговор на човекот што не така одамна ја промаши иднината и суштината на напредокот на светот, но, сепак, по толку реакции бездруго е добро да се одговори, за да не излезе дека молкот е одобрување на лажните тези на Орданоски.

Но, првата дилема во тој правец е како да му се одговори на новинарот, политички аналитичар, професор по новинарство на Штулов универзитет, некогашен директор и уредник на МТВ во времето на Бранко Црвенковски.

Како да разговарате со човекот што предвиде дека интернетот ќе згасне како логична завршница на либералната демократија. Што да му кажете на човекот кој го обвини Пентагон дека прво го измислил интернетот за да владее со светот, а потоа, кога сфатил дека тоа не е можно, ќе го укинел.

Како да се одговори на човек чиј идол, меѓу другите, му е Бранко Тричковски, најтажната фигура во македонското новинарство и во целата ергела на Зоран Заев. Што да му се каже на човек кој го поромовираше лицето познато како Саше Аналитико, и тоа во подоцните времиња од неговата „блескава кариера“.

Како да се одговори на човекот кој со војата визионерска големина го прогласи Никола Груевски за човек на годината.

Како да се одговори на човек кој што пред седум-осум години на една вечера кај тогашната холандска амбасадорка, или можеби во британската резиденција, рече дека тој, Фрчкоски, Ѓунер Исмаил и другите перјаници на СДСМ треба да си заминат од јавната сцена за да дојдат нови луѓе, зошто се покажало дека тие немаат влијание во јавноста и не можат да го соборат Груевски.

Како да се одговори на човекот кој што пред неколку месеци обвини дека во државата има рекетарски банди кои што изнудуваат пари и призна дека тоа не е можно без поддршка од Заев и фамилијата и кој веднаш потоа заборави на своето обвинување.

За вакви луѓе нема соодветен одговор, освен ако во прашање не е животот и смртта.

Во нормалниот свет, каков што Македонија одамна не е, човек кој што предвидел крај на интернетот бездруго треба да се повлече од јавната сцена, да се дружи со Миленко и со тие што тврдат дека светот е рамна плоча, а поведението на македонските политичари е директна последица на ХААРП.

Сепак, со оглед на безбедносниот аспект на неговото писание, мора да се одговори.

Како искусен бивш „општествено-политички работник“, кој беше и сè уште е инволвиран во повеќе регионални и глобални проекти, тој знае дека неговиот список на демек вмровски медиумски испостави е, всушност, „црна листа“, односно листа за отстрел.

Орданоски оваа листа ја објави само два дена откако во опозицијата се случи најсилниот потрес од „Панорама“ наваму. Откако стана јасно дека е прашање на ден кога поразените во внатрепартиската битка во ВМРО-ДПМНЕ ќе се престројат и, за жал, ќе почнат да размислуваат за напад врз луѓе што ги сметаат за противници, пред сè новинари.

Орданоски со својата листа само ги дава насоките на луѓето со дебели вратови кој сè треба да биде „отстрелан“, ако за тоа се укаже можност.

Искрено сакам да верувам дека во оваа ситуација тој не е свесно инволвиран, туку победила неговата наивност и желба да се дотолчи Мицкоски. Иако тоа ќе биде слаба утеха ако некој од оваа листа денеска, утре или во наредниве денови биде жртва на каков било напад. Дури и ако навистина не сфатил што прави, совеста за жртвите од неговата листа за отстрел ќе оди на негова сметка.

Покрај овој безбедносен аспект на списокот за отстрел на Орданоски, искрено, разочаран сум што првенецот на СДСМ не навлезе во подлабока анализа на своите нафрлени тези, кои можат да го прелажат неинформираниот читател, но не и тие што работат со логика и со аргументи.

За почеток, добро би било Орданоски да направи една специфична анализа за „цитаделата“ во која нè става мене и моите колеги од expres.mk, за кои тврди дека сме некако поврзани со антизападни ставови и платформи на претседателот Иванов.

Би било добро за него и за неговата релевантност, пред сè, да објасни во што се состои антизападната позиција на оваа „цитадела“. Да ги открие неговите аргументи и нашите врски со антизападни центри или каква било цврста аргументација за антизападно влијание и пропаганда. Да даде пред јавноста аргументи за мене и за моите колеги од expres.mk, но и за претседателот на државата, со кого во очигледен недостиг на аргументи, нè става во ист контекст и корелација.
Доволни ќе бидат само два три аргумента зошто сме сите ние антизападни, не за наше добро, туку пред сè за негово, за да докаже дека интелектуално не останал да живее во времето кога предвидел крај на интернтетот.

Ќе биде интересно да се види што друго освен неприфаќање на Преспански договор ќе се обиде да искористи како аргумент за нашите антизападни активности. А притоа е свесен дека, ако го користи само овој факт, тогаш за антизападни ќе мора да ги прогласи уште околу еден милион други Македонци, меѓу нив и луѓе кои тој ги почитува, како на пример Владимир Милчин и Ферид Мухиќ, кои што исто така сметаат дека договорот е штетен.

Ќе беше добро и пред сè човечно Орданоски пред да ја објави својата листа за отстрел да ги провери фактите за двајцата луѓе што ги става во групацијата околу expres.mk, колегите Димитар Чулев и Роберт Димитриевски, инаку долгогодишни новинари на „Нова Македонија“ и на „Утрински весник“.

Тие двајца, со помош на неколку други ентузијасти, за разлика од него, кој е добро конектиран со медиумски и други извори на пари, повеќе од 16 месеци прават портал од чист ентузијазам, затоа што ја сакаат Македонија, го сакаат новинарството и не се согласуваат со тоа што се случува.
И затоа ја имаат мојата целосна поддршка, иако и јас повеќе од два месеца немам емисија и веќе не сум уредник во телевизија Алфа, која, според Орданоски, е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

Да прашаше кого било од невините колеги од „Утрински“, Орданоски ќе дознаеше дека Чулев и Димитриевски, кои и во времето на „режимот“ кога останаа на улица, за разлика од Орданоски, се тивките херои на Македонија.

Творат без никакви приходи, без дебели државни хонорари за филмски или документарни проекти, без свои емисии и без здравствено осигурување по 35-годишна новинарска кариера (Чулев) и прават автентичен проект, кој е голем проблем за власта, само затоа што е од срце и не е дел од ниту една сфера на партиски интерес.

На Орданоски му е јасно дека expres.mk не е дел од каква било вмровска групација, ниту има антизападна агенда и за тоа има потврда од неговите западни извори. Но, ниту нему, ниту на Владата, чии ставови ги брани, не им одговара што еден проект што чини нула денари е апсолутен и морален и новинарски победник во битката против милионскиот владин тим, од кој дел е токму тој и луѓе слични на него. Пред сè, затоа што Орданоски и останатите ги бранат неодбранливите тези на власта.

И за крај, да биде апсурдот поголем, Орданоски своите ламентации за наводните антизападни напори на дел од критичарите на власта ги брани преку интернет, направијата што според него ја измислил Пентагон за да владее со светот, а која досега според него требаше да згасне. Како Пентагон да е среде Кремљ, а не центар на безбедноста на западната цивилизација, која тој наводно ја брани во битката со нас, „антизападните копилиња“.

П.С. И да не се лаже дека ова е „расчеречувањето“ кое што тој го најави во својот текст.

(Фото: Принт скрин видео на 1ТВ)

 

SHARE

Оставете Коментар