Лош абер дојде од Канада до македонските пратеници (ОТВОРЕНО ПИСМО)

Торонто
19 октомври, 2018

Отворено писмо до пратениците во Собранието на Република Македонија

Почитувани пратеници,
Гледајќи што се случува со нашата Македонија во последните триесет години, а особено последните неколку месеци, се чувствувам обврзан да Ви се обратам и да Ви ги пренесам моите чувства а и чувствата на мнозинството Македонци кои живеат во Канада. Морам да признам, чувствувам страв и очај, чувство дека сме предадени и продадени.
Несомнено, но за жал, судбината и иднината на Македонија овие денови е во рацете на Вас, 120 пратеници. Наредните неколку денови ќе бидете ставени во искушение дали да гласата ЗА или ПРОТИВ Преспанскиот договор. Нема да навлегувам во тоа дали овој договор е легален или не. Но едно е сигурно, дека ова не е договор туку потпишување на капитулација. Секој од Вас кој ќе гласа ЗА, тоа всушност е глас против Македонија. Секој глас ЗА фактички е удар против Македонија. Секој глас ЗА е еднакво на кревање рака против својата земја. Секој глас ЗА е како да сте кренале рака против Вашата родена мајка. Јас не колнам, но бидете сигурни дека секој оној кој ќе крене рака ЗА, ќе биде проколнат од безброј Македонци.

Само за потсетување, Македонија од 8 септември 1991 година како независна држава, не се има огрешено према никоја држава, без разлика дали е блиску или далеку. Македонија како држава се нема огрешено према никое етничко малцинство или религиозна групација. Македонија го има секое право да биде член на сите маѓународни институции без условно. Покрај Бадинтеровата комисија и Хашкиот суд ја потврдуваат оваа констатација.

Македонија ги исполни петте услови за прием на нови членки во ООН, но самата организација си ги прекрши своите правила со поставување незаконски дополнителни два услови. Знам дека сето ова го знаете, но сепак ќе Ве потсетам уште еднаш. Македонија не е обврзана да преговара со Грција за ништо. Македонија не е обврзана ниту легалнио ниту морално да преговара со Грција. А темата за обврските што ги има Грција спрема Македонија ќе ја оставиме за некое друго време.

Грешката што ја направи првата македонска Влада да прифати да преговара за името по причини сеуште не познати, ќе мора да биде исправена од оваа или некоја друга влада. Само тогаш ќе можеме да тргнеме напред. Алтернатива има. Способни политичари не го оставаат својот народ без алтернатива. Ваша должност е да наоѓате алтернативи. Точно за тоа сте избрани и платени.

И уште еднаш: Македонија не е обврзана да преговара со Грција за ништо; и Македонија не е обврзана ниту легалнио ниту морално да преговара со Грција.

Јас не колнам, но бидете сигурни, дека секој оној кој ќе крене рака ЗА, ќе биде проколнат од безброј Македонци.
Господ да Ви е на помош.

Со почит,
Владе Гроздановски
Поранешен претседател на Организацијата Обединети Македонци во Канада

SHARE

Оставете Коментар